Увид во градежните работи денеска извршија премиерот Христијан Мицкоски заедно со министрите за транспорт и за локална самоуправа, Александар Николоски и Златко Перински, како и в.д. градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески.
Во изјава за медиумите министерот Перински изрази задоволство од денешниот настан.
„Ова е еден од осумте проекти што Општина Аеродром ги доби при апликацијата во првиот јавен повик и навистина сум му благодарен на Дејан за подготвеноста да ги искористи овие средства, што Владата, преку централниот буџет, им ги стави на располагање на сите општини. Ова е само доказ дека оваа влада, предводена од претседателот Мицкоски, навистина е партнер на локалните самоуправи. Така почнавме и така ќе продолжиме, сѐ со цел да го подобриме квалитетот на живеење на сите граѓани“, подвлече министерот за локална самоуправа.
Што се однесува до тоа кој ќе биде кандидат за градоначалник на Скопје, министерот Перински истакна дека е убеден дека името што ќе го предложи премиерот и партиски лидер Мицкоски на извршните органи на партијата, ќе биде и градоначалник на Скопје.
„Јас ова веќе неколку пати го говорев. Да почекаме да заврши целокупниот процес и она име кое што претседателот Мицкоски ќе го предложи на извршните органи на партијата, јас сум убеден дека истото ќе стане и градоначалник на Град Скопје. Да почекаме да заврши целиот процес, па ќе разговараме понатака“, нагласи Перински, коментирајќи резултати од анкета објавена од интернет портал во која се појавува и неговото име како еден од фаворитите меѓу кандидатите за таа позиција.






