„Овие инвестиции се директен одговор на потребите на граѓаните и придонесуваат за унапредување на јавниот простор, спортот и рекреацијата“, рече Перински, нагласувајќи дека министерството останува силен партнер на општините.
Тој информираше и за актуелниот повик објавен од министерството и Бирото за регионален развој, преку кој на општините им се ставаат на располагање над 223 милиони денари за нови развојни проекти.
На новинарско прашање дали министерството може да направи повеќе за Општина Делчево која е финансиски лимитирана поради долг, Перински истакна дека се работи и на надминување на финансиските предизвици на општините, преку поддршка за ажурирање на базите на даночни обврзници и зајакнување на сопствените извори на приходи.
Градоначалникот Гоцевски оцени дека посетата на министерот е од исклучително значење и потврда дека општините не се оставени сами.
„Посетата доаѓа во време кога во Делчево интензивно се работи на повеќе значајни инфраструктурни проекти. Со министерот направивме увид во реализацијата на големиот ИПА-проект што го спроведуваме во партнерство со Општина Благоевград, вреден околу еден милион евра, од кои Делчево реализира над 388 илјади евра за изградба на скејт-парк и уредување на кејот на Брегалница во должина од 300 метри“, изјави Гоцевски.
Тој додаде дека со проектот се превенираат поплави, се штити имотот на граѓаните и се создава функционална целина поврзана со спортскиот центар, која ќе биде во служба на спортот, рекреацијата и туризмот. Паралелно, во рамките на проектот се развива и маркетинг-стратегија за промоција на туристичкиот производ на прекуграничниот регион.
Гоцевски изрази благодарност за поддршката од Министерството за локална самоуправа за националното кофинансирање од 58.000 евра, оценувајќи дека проектите значително ќе ја подобрат сликата на Делчево и квалитетот на живот на граѓаните во пограничниот регион.






