Од МВР вечерва потврдија дека во 18:45 часот во СВР Скопје А.П.(54) од Скопје пријавил дека била опожарена неговата викенд куќа во скопско Орешени.
Полицијата, како што наведуваат, презема мерки за расчистување на случајот.
За случајот на фејсбук вечерва информира и директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов.
„Ова е данокот за нашата борба за владеење на правото без калкулации? Ова е цената за удирањето по мафијата! Домот ми беше запален, и имам основано сомневање дека станува збор за смислен атак на криминалците! Нема да не запрат и нема да не поколебаат. Никој не е над законот! Нема враќање назад кога се бориш за правдата. И кога ќе тргнеш против криминалот, тој се брани со насилство. Но, ова нема да ме запре, напротив, само не зајакнува!“, вели во објавата Пандов.
Тој очекува институциите да го најдат и казнат сторителот.
„А јас и сите заедно ќе продолжиме таму каде што бевме, со уште поголема одлучност“, напиша на Пандов на Фејсбук.