На средбата со потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ, наставниците укажаа на проблемот со учебници што малобројните етнички заедници ги имаат по донесувањето на измените на Законот за учебниците минатата година, со кој конкурсите за учебници, наместо МОН, ги објавуваат издавачките куќи. Со оглед на тоа што од прво до деветто одделение настава за секој од малцинските јазици следат по стотина ученици, тиражот на учебници е многу мал и печатењето на ракописите што им се понудени е неисплатливо за издавачките куќи.
Директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на припадниците на заедниците при Министерството за односи меѓу заедниците, Мирослав Тричковиќ, појасни дека проблем има, пред сè, за наставата на српски и на босански јазик.
„Наставниците се соочуваат со проблеми во неколку сегменти во образованието на учениците што припаѓаат на помалобројните заедници. Пред сè, со печатењето на учебниците не кај сите заедници, туку кај српската и бошњачката заедница, бидејќи минатата година се измени Закнот за учебниците, со што издавачките куќи ги печатат учебниците. Бидејќи се работи за малобројни заедници и мал тираж на учебници, се појави проблем – издавачките куќи немаат материјален интерес да ги печатат. Се работи за стотина ученици во секоја од заедниците, што е многу мал тираж, така што во пазарните услови им е неисплатливо на издавачките куќи“, рече Тричковиќ.
За да се надмине проблемот, ќе иницираат средби со издавачките куќи и доколку тоа не даде резултати, рече тој, ќе бараат решение на друг начин, како, на пример, преку спонзорства, со цел од септември сите ученици да добијат учебници.
Освен на македонски и албански, редовна настава во државата има и на турски, српски и пред седум години и на босански јазик. Редовна настава не се спроведува на влашки и на ромски јазик, туку тие се застапени со изборни предмети во училишта во кои има интерес се изучува изборниот предмет Јазик и култура за секоја од петте помали заедници.
Тричковиќ рече дека е постигнат голем напредок во наставата на учениците од влашката и од ромската заедница, кои следат само изборен предмет Јазик и култура на Власите (односно на Ромите), по одлуката да се укине условот паралелката да има најмалку 20 ученици за да може да го изучуваат изборниот предмет. Сега нема ограничувања во бројот, паралелките може да бидат и со помалку од 20 ученици, со што, рече Тричковиќ, се зголемува бројот на ученици што го изучуваат овој предмет. Како пример го посочи ОУ „Кирил и Методиј“ во Центар, каде што првпат се изучува изборниот предмет Јазик и култура на Србите, на Бошњаците и на Власите.
Министерот Стоиљковиќ им порача на авторите да не ги обесхрабрува проблемот со печатењето и да продолжат да пишуваат учебници за настава на учениците од малобројните етнички заедници.
„Печатењето на учебниците е сериозен проблем затоа што кога издавачките куќи го презедоа печатењето, се соочуваме со недостиг од учебници. Тоа не е проблем само за децата, туку и за авторите на учебниците затоа што ги пишуваат, а потоа никој не ги издава. Тука треба да имаме две мерки – да ги охрабриме авторите на учебници да продолжат да пишуваат, а ние, од друга страна, да вршиме притисок и во МОН и ние овде во нашето Министерство да изнајдеме начин како да дојдеме брзо и ефикасно до учебници за припадниците на малите етнички заедници за почетокот на идната година. Дури сме размислувале и ние како Министерство да преземеме дел од обврските со печатењето – дали преку спонзорства или на други начини, бидејќи не станува збор за многу големи средства“, рече Стоиљковиќ на средбата со наставниците.
Посочи дека во изминатиот период има напредок во образованието на припадниците на малите етнички заедници затоа што со измена на законот, што е иницирано од Министерството за односи меѓу заедниците, овозможено е поголем опфат на ученици за предметот Јазик и култура на некоја од етничките заедници.
„Во комуникација со МОН и со надлежните институции се надевам дека оваа година ќе биде првпат достапен и учебникот Јазик и култура на Ромите за шесто одделение, што досега можеби беше невозможно. Ова се мали работи, но за припадниците на етничките заедници се големи успеси. Родителите на децата што немаат учебници на мајчин јазик ова многу добро го разбираат“, истакна Стоиљковиќ.
Укажа и дека проблемот не е само во учебниците, туку и во немањето соодветен наставен кадар за образование на мајчин јазик на малобројните заедници, кој, како што рече, е сериозно загрозен.
По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари, благодарници за придонес во негувањето, зачувувањето и развојот на јазичниот и културниот идентитет на заедниците добија Марија Николова, Аџер Иметоска, Изета Бабачиќ, Аида Зуковиќ, Дарија Ковачевиќ-Божиновска, Арабела Иљаз и Жаклина Милинковиќ.






