Како и во претходните денови пред почетокот на пленарните седници пратениците на Левица побараа едночасовна пауза бидејќи, како што рече Крмов, генералниот секретаријат на Собранието сè уште не одговорил на барањето на пратеничката Јована Мојсоска за добивање информација за висината на патните трошоци и станарината што им е платена на некои пратеници.
„Од генералниот секретаријат добивме известување дека ќе ги добиеме информациите денеска. Се надевам дека податоците што ги бараме ќе бидат целосни, ќе ги разгледаме и можеби ова ќе биде последната пауза“, рече Крмов.
Седницата треба да продолжи во 12 часот. На дневен ред се предлог-законите кои се дел од Реформската агенда – предлог на законот за ставање во употреба на техничка опрема за транспорт, предлог на законот за електронските комуникации, дополнетиот предлог на закон за безбедност на мрежни и информациски системи, дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, дополнетиот предлог на закон за архивски материјал и архивска дејност, сите во второ читање. Исто така и предлог – законот за вработените во јавниот сектор, предлог на законот за административни службеници и предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, сите во прво читање.
По 58-та седница Собраснието треба да одржи продолжение на 55-та седница со дискусија по предлог-одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Македонија за учество во меѓународната операција на Европската унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, предлог на законот за инспекциски надзор, предлог законите за изменување и дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети и во кривична и прекршочна постапка, на Законот за стоковните резерви, на Законот за воздухопловство, на Законот за јавните патишта и на Законот за енергетика, сите по скратена постапка.