Преку објава на социјалните мрежи, Агенцијата за патишта наведува дека и тешките товарни возила ќе можат да се движат по овој патен правец, но само оние до 8,2 тона носивост.
„Сообраќајот ќе се одвива преку привремено пренасочена траса изградена веднаш до претходната постоечка, до целосна реализација на алтернативната траса, веќе објавена, на коритото на реката Шкумбин и интегрирана со железничката пруга“, пишува во објавата.
Се додава дека патот ќе функционира со сигнализација на градилиштето и, привремено, ќе биде неасфалтиран додека не се стабилизираат слоевите, по што ќе се изврши конечното асфалтирање.
„Барајќи разбирање од сите учесници во сообраќајот и жителите на подрачјето, ги повикуваме да ја почитуваат сигнализацијата и упатствата на сообраќајната полиција, за да се гарантира безбеден сообраќај за сите“, апелираат од агенцијата.
Поради големо свлечиште и оштетувања на споменатата делница од патот, кој е дел од коридорот 8, во договор меѓу албанските и македонските институции товарните возила овие денови минуваа преку граничниот премин “Блато” кај Дебар.
МИА






