среда, 21 јануари 2026

„Патека до самостојност“ – нов проект на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ за младите без родителска грижа

Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ го промовираше новиот концепт „Патека до самостојност“, наменет за стратешка едукација и подготовка за самостоен живот на деца без родителска грижа. Концептот беше официјално прифатен од Јавната установа Детски дом „11 Октомври“ – Скопје, означувајќи почеток на нова фаза во поддршката на овие млади луѓе.

Објавено на

часот

Сподели

За разлика од досегашниот пристап заснован на донации, новиот модел воведува „одговорно сопствеништво“, каде децата на возраст од 10 до 17 години преку труд и стекнување знаења го заработуваат правото на сопственост на својата компјутерска опрема. Компјутерите не се подарок, туку прва „професионална плата“ за успешно завршена обука.

Клучен елемент во програмата е „Пасошот на вештини Марјановиќ“ – документ што го следи напредокот на секое дете. Секој завршен модул носи „виза“ во пасошот, а целосно пополнетиот пасош значи дека детето ја стекнало трајната сопственост на компјутерот и конкретни применливи вештини.

„Сакаме децата да знаат дека се способни, вредни и дека со сопствен труд можат да постигнат сè. Нашата цел е тие да излезат од институционалната грижа со знаење, самодоверба и пасош на вештини што ќе им помогне при вработување“, изјави Александар Марјановиќ, основач и извршен директор на Фондацијата.

Директорката на Детскиот дом „11 Октомври“, Павлина Трајановска, истакна дека програмата има значајно влијание врз емоционалната стабилност и мотивацијата на децата, нагласувајќи дека чувството дека нешто им припаѓа затоа што го заслужиле е од непроценливо значење за нивната иднина.

Едукацијата ќе ја спроведува академијата Еверест преку пет образовни столба: основи на Windows и безбедно користење интернет, Microsoft Office, англиски јазик, креативни дигитални вештини и кариерна обука. Наставата ќе се реализира хибридно – преку менторски средби, онлајн часови и дигитална библиотека со материјали.

Проектот се реализира со поддршка на бројни партнери, меѓу кои Datalab, Сетек, КАБТЕЛ, ФИНКИ, МАСИТ и МАЧР, како и неколку домашни и странски донатори. Идејата произлегува од личната животна приказна на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, со цел децата без родители да добијат вистинска шанса за квалитетно образование и достоинствен живот во Македонија. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ