понеделник, 8 декември 2025

Партија на пензионери: Продолжуваме со активностите за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори

Одлуките во Партијата на пензионери се донесуваат на крајно демократски начин и во согласност со сите правни документи на партијата како што помеѓу другото се Програмата и Статутот на партијата. На ваков начин беше донесена и одлуката за евентуално пристапување во коалиција со ВМРО – ДПМНЕ за претстојните локални избори, а на предлог и одлуки донесени во сите општински организации на ПП (Центар, Карпош, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Куманово, Штип, Делчево, Берово, Прилеп и сите други), се вели во реакцијата на партијата по вчерашната конференција за медиумите на дел од партиските членови.

Објавено на

часот

Сподели

„Овој предлог беше разгледан и со огромно мнозинство (преку 90%) од присутните делегати одобрен на годишната седница на Централниот одбор на партијата одржана на 14 јуни, а потврден на состанокот на Извршниот одбор на партијата одржан на 1 јули, настани на кои присуствуваа и лицата од прес конференцијата.

Од претходно наведеното произлегува нашето прашање за наводното ‘несоодветно образложение на Извршниот одбор, потенцијалното фаворизирање на лични политички амбиции на поединци, како и длабоките идеолошки разлики и несогласувања околу пензиските политики’ изнесени на прес конференцијата.

Волјата на огромното мнозинство на членовите на партијата и на сите општински организации на ПП се единствената водилка која мора да се почитува во сите дејствувања на Партијата на пензионери во иднина, а која исто така треба да ја прифати и оваа мала група на незадоволни лица во партијата.

Ставот на оваа група на лица за наводното нелогично преминувањето преку постоечките разидувања во идеологијата со евентуалните коалицискии партнери со програмата на Партијата на пензионери, е дефинитивно нелогично со оглед дека во сржта на идеологијата на ПП се самите пензионери и нивната добросостојба за која и до сега како и од сега, единствено ќе се грижи партијата.

Изјавата дека одлуката на Извршниот одбор за отпочнување коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива, поради голем број критики, разочарување и револт меѓу членството, дефинитивно е многу произволна, паушална и неточна со оглед дека во изминатиот период немало никакви формални и неформални поплаки или изјави на револт и разочарување од членовите на партијата во каква било форма.

Малку е и ‘симптоматична’ самата прес конференција затоа што никој од оваа мала група на незадоволни лица, функционери од партијата, не изразија демократска зрелост и доблест во рамките на партиските органи, а и во рамките на нивното делување или поточно речено неделување на терен во општинските организации, да го презентираат својот концепт со претставување на аргументи и тези за кое би се изјаснило самото членство на партијата во рамките на донесување на конечните одлуки за иднината на делувањето.

На лицата во оваа мала група на незадоволни функционери во Партијата на пензионери (а кои и сега се наоѓаат на функции како општински советници во повеќе мандати, директори на пензионерски домови, а биле и советници во разни министерства во Владата, директори на Управа за прашање на борците и воените инвалиди) во иднина пред се им посакуваме добро здравје и успешно делување во сите нивни активности и им порачуваме и понатаму единствена водилка во какво било политичко ангажирање да им биде огромната пензионерска популација во земјата. Секако не би сакале да се сомневаме дека во позадина на оваа конференција за медиуми стојат какви било лични пориви и причини или можеби и нешто друго.

Партијата на пензионери почитувајќи ја волјата на огромното мнозинство на своето членство и легитимно донесените одлуки на сите органи на партијата, останува на својот став и ќе продолжи со активности за пристапување кон коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори.

Исто така им предочуваме на сите политички субјекти во земјата дека евентуалните разговори и пристапувања на лицата од оваа мала група на лица (помеѓу кои има и такви кои не се членови на ПП) ќе претставува нивно поединечно пристапување и дека истото ќе нема никакви конекции и можни реперкусии кон Партијата на пензионери.

Партијата на пензионери останува компактна и единствена и не постои никаков раздор во нејзиното членство, и нејзината единствена политичка идеологија се и ќе останат пензионерите, што досега секогаш го покажувала на дело, а така ќе продолжи и во иднина, без обѕир во која политичка коалиција ќе дејстува, а се во интерес на сите пензионери и нивната добросостојба во сите сегменти на нивното живеење“, се вели во партиската реакција.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ