Големи индустриски капацитети, диви депонии, затрупани сливни подрачја, нефункционални мерни станици… се само дел од факторите за загадувањето за кои редовно предупредуваат eкo-организациите. Последната од низата е реакцијата на Зелен хуман град кој повикувајќи се на Climate Trace обвини дека цементарницата Усје во Скопје е еден од најголемите загадувачи во светот и се смета за суперемитер на ПМ 2,5 честички.
„Градот Скопје и Министерството за животна средина (МЖСПП) со години одбиваат да постават мерни станици околу цементарницата кои ќе прикажуваат 24 часа јавно достапни мерења, а не да прифаќаат противзаконски извештаи со дупки од по 10 часа во ден од мерна станица што цементарницата сама си ја контролира. Бидејќи институциите се глуви, а инспекциите се во зимски сон, граѓаните се самоорганизираат за блокада на цементарницата на 25 декември во 18 часот“, објавија од Зелен хуман град.
Поради ова, од Зелен хуман град до Советот на Град Скопје поднесоа Иницијативата за дислокација на Усје, со која предлагаат Советот „јасно да заземе став дека на тешка и високозагадувачка индустрија не ѝ е местото во густо населено подрачје и дека Усје мора да биде дислоцирана надвор од Скопје и надвор од кое било населено место“.
Загадувањето е жешка политичка тема
Освен што е здравствена, загадувањето, особено на зима станува и жешка политичка тема. СДСМ побара Владата да прогласи еколошка и здравствена кризна состојба.
„Бараме да се донесе одлука со која намалувањето на загадувањето на воздухот се утврдува како приоритет, и да се даде приоритет на финансирањето на мерки од Градот Скопје, бидејќи досега не се инвестираат пари во проекти за почист воздух, граѓаните се оставени сами на себе. Веројатно поради изјавите на премиерот Мицкоски дека воздухот во Скопје е почист од воздухот во Виена. Тоа мора да се промени веднаш, за здравјето на скопјани се работи, за половина милион жители, деца, возрасни, млади, сите се засегнати“, изјави завчера на прес конференција Катерина Цаневска Арсовска, советничка во Советот на Град Скопје.
Таа побара свикување на вонредна седница и побара поддршка од сите советнички групи за мерките што СДСМ ќе ги предложи во Советот, а тоа се бесплатен јавен превоз во деновите кога воздухот е загаден, да се побараат пари од Владата за бесплатни филтри на оџаците на големите загадувачи, пренамена на пари за прочистувачи за граѓаните за еколошко греење, да се донесе забрана за греење со дрва и јаглен во подрачја со достапно централно греење, расчистување на дивите депонии на територија на Град Скопје, миење на улиците, пари за еколошки проекти.
Во декември 2019 година во рамките на кампњата „Разговори за обнова на Македонија“, тогаш Мицкоски од позиција на опозиција вети намалување на загадувањето на воздухот за 50 отсто и милијарда евра за гасификација и мерки за животната средина.
Голема прашина во јавноста се крена и по изјавата на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски кој кажа дека тој во предизборната кампања за Локалните избори 2025 не ветил дека ќе направи чуда.
„Сакам на граѓаните многу искрено една работа да им порачам, а тоа е да имаат трпение. Јас знам, сите го живееме овој проблем години наназад, децении наназад го живееме. Но, не можам и не сум ветил дека преку ноќ ќе направам чуда, затоа што тоа е невозможно и неодговорно политичар да го каже. Но, дека постапувам, да бидат убедени, дека Орце Ѓорѓиевски, ниту Градот Скопје во наредните четири години нема никогаш да се доведе во позиција некого да штити, особено во услови ако некој го труе нашиот народ“, изјави минатата недела Ѓорѓиевски во гостување на ТВ 21.
Партиите ги препишуваат мерките едни од други, а не ги реализираат
Најавата на Советот на Град Скопје дека ќе носи нов сеопфатен план за заштита на животната средина беше дочекана на нож. Марјан Калевски, советник од Зелен хуман град вели дека цело време сите ние сме во очекување на изработка на некакви планови, а и тие што се донесени не се реализираат.
„Многу такви документи што ги предлага Градот Скопје се препишувани едни од други, секоја година со застарени информации, без никаква тежина на тој документ. Сите тие документи стојат во фиока, а никој ништо не презема во врска со тоа, ниту пак некој работи по насоките на тие планови. Ние со години до Градот поднесуваме мерки против загадувањето на воздухот, а и тие што биле усвоени од мнозинството не биле спроведени. Дополнително, се трошат многу пари за изработка на тие планови. Овој план ќе чини 75.000 евра“, изјави Калевски во гостување на Телма.

Во изборната програма „Македонија потворно твоја“ од 2024 година, програма со која ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт има цела глава и десетици мерки предвидени за заштита на животната средина. Од формирање на Фонд за животна средина, Централно инспекциско тело и Зелен фонд, преку поддршка на домаќинствата за набавка на нова енергетска опрема, па сѐ до изработка на Методологија за превенција на загадувањето од урбаните заедници и Методологија за решавање на проблемот на загадување на воздухот од големите капацитети кои се наоѓаат блиску до урбаните средини. Партијата уште вети неодложна заштита на езерата и националните паркови, поставување на пумпи за полнење на струја за електирчни возила на секоја бензинска станица, како и пошумување на Македонија со по 10 милиони садници годишно.
Година и половина подоцна ниту е извршено пошумување, ниту на секоја бензинска станица има пумпи за електричните возила. Уште помалку се формирани органите и телата кои што ги вети ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до националните паркови, оваа партија вети дека Пелистер, Галичица, Маврово и Шар Планина ќе добијат системска финансиска поддршка за исполнување на основната цел на нивното функционирање – заштита на животната средина.
Но, од невладиниот сектор уште во јуни годинава предупредија дека години наназад властите не прават ништо за Маврово повторно да биде прогласен за национален (НП) парк.
„Законот за репрогласување на НП Маврово не е донесен, не е донесен План за управување со НП Мавровo, пријавени се бројни неправилности и нелегални активности во паркот, но не се санкционирани. Приближно 80 отсто од финансирањето на Јавната установа Национален парк Маврово доаѓа од сеча, неодржлива практика спротивна на намената на заштитеното подрачје, а забележан е и пад на популациите на заштитените животински видови во паркот“, реагираа тогаш од невладиниот сектор.
А формирањето на Фондот за животна средина е дел и од изборната програма „План за живот во Македонија“ од 2016 година со која СДСМ дојде на власт. Освен фондот, оваа партија ветуваше интегриран систем кој ќе ги поврзе сите три мониторинг-системи што го следат загадувањето на воздухот, водата и почвата, а податоците ќе бидат јавно достапни за граѓаните.
„Приоритет е изградбата на пречистителни станици за третман на отпадните води во сите населени места со над 10.000 жители, но, и во помалите урбани средини. Ќе направиме мапа на загадени почви во државата. Ќе го комплетираме законодавството за заштита на почвите. Ќе изработиме ‘Катастар на загрозени подрачја од природни непогоди во Македонија со степен на ризик’, при што ќе се дефинират црвени зони (не смее да се гради), жолти зони (може да се гради, но само со заштитни мерки) и зелени зони (слободни за градба). Ќе ги уредиме сливните подрачја, ќе ги исчистиме речните корита и каналскиот систем. Секоја година ќе инвестираме 10 милиони евра годишно само за системи за наводнување и одводнување. Ќе воспоставиме современ хидрометеоролошки систем за рано предупредување во случај на ризик од невреме“, ветуваа тогаш од СДСМ.
Безмалку десет години подоцна сѐ уште се поплавуваат села и градови, катастар на загрозени подрачја нема, ги нема ниту 10 милиони евра годишно за системи за наводнување и одводнување, ниту пак е воспоставен хидрометеоролошки систем за рано предупредување во случај на ризик од невреме.
Минатата недела Министерството за животна средина и просторно планирање на два пати предупреди за екстремното загадување во Кичево, Струмица и Скопје.
Националната развојна стратегија (НРС) 2024-2044 меѓу другото предвидува државата засилено да работи на зелена енергетска трансформација.
„Примарната цел во оваа насока е значително да се намалат емисиите на стакленички гасови, да се подобри квалитетот на воздухот и да се подобри енергетската ефикасност, а со тоа да се обезбеди поздрава животна средина за граѓаните. Истовремено, потребна е обнова на системот за управување со отпад и со отпадни води со зголемување на стапките на рециклирање и воспоставување стандардизирани депонии, со што ќе го намалиме нашиот еколошки отпечаток. Заштитата на природата и на биодиверзитетот е од суштинско значење за подобрување на животната средина“, се наведува во НРС 2024-2044.
За реализација на овој план, со Националната развојна стратегија 2024-2044 е предвидено градење на климатски неутрално општество со низок процент на енергетска сиромаштија и здрава и чиста животна средина.
И.О.






