„Пример за лажна вест е последното соопштение и прес-конференција. Тие тврдат дека министри давале неколку илјади евра за ручеци, а во суштина и институциите демантираа кажувајќи дека се работи за исплати кон ресторански оператор за услуги за храна кои ги користат и плаќаат вработените од министерствата. Борбата против лажните вести е заедничка одговорност на сите општествени фактори. Потсетуваме дека СДС е главниот финансер и мецена на лажните вести и тој полусвет кој оваа партија го одржува. Тоа е последица и на отсуството на политики и предлози кои ќе бидат конструктивен фактор во општеството. СДС е синоним за неспособност, предавства и криминал“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак велат дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се ставаат под притисок, а медиумскиот простор се затвора.
„Репортери без граници оценуваат дека независните медиуми се изложени на закани и напади и констатира дека владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите. Наместо да работат на унапредување на демократските стандарди, Владата предводена од ДПМНЕ се враќа на старите методи на контрола, притисоци и страв. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се ставаат под притисок, а медиумскиот простор се затвора. Оваа тенденција повторно се потврдува. Слободата на медиумите е темел на секое демократско општество и СДСМ ќе продолжи да се бори против оваа регресија што ја спроведува ДПМНЕ. Медиумските слободи не смеат да бидат жртва на партиските апетити и авторитарните амбиции на ДПМНЕ“, изјави на прес конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Реагираа и од ДУИ од каде велат дека загрижувачки е што во извештајот јасно се детектира постоење на одредени паралелни медиумски системи, директно поврзани со политички и економски центри на моќ, кои влијаат врз уредувачката политика и ја поткопуваат довербата на граѓаните.
„Наместо да гарантира институционална независност, Владата избра да го продлабочи клиентелизмот преку нови механизми за влијание, вклучително и рекламирање на јавните институции во приватни медиуми, што повторно го отвора прашањето за транспарентност и фер третман на медиумската сфера. ДУИ ја потсетува Владата дека односот кон медиумите е директен одраз на зрелоста на една демократија. Наместо селективна поддршка и политички погодни уредувачки пристапи, неопходна е поддршка на професионалните стандарди, независноста на јавниот сервис, заштита на новинарите и институционална подготвеност да се одговори на критичкото известување со отчетност, а не со притисоци. ДУИ останува доследна на ставот дека слободата на медиумите е основен столб на правната држава и ќе ги поддржи сите процеси што водат кон медиумска транспарентност, плурализам и професионализација, согласно европските стандарди кои ги стремиме“, се невдува во реакцијата на ДУИ.
Македонија е позиционирана на 42. место во светот според Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници за 2025 година, што е пад од шест места во однос на лани кога беше 36-та.