„Овој настан е резултат на нашата континуирана и плодна соработка со Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, со која заеднички се залагаме за градење на општество ослободено од стереотипи, дискриминација и насилство.
Во таа насока, со особено задоволство истакнувам дека како дел од овие заеднички напори, го отворивме првиот регионален советувалиштен центар за помош и поддршка на жени и деца, жртви на родово базирано насилство во Македонија. Центарот претставува конкретен чекор кон обезбедување на достапни, сеопфатни и континуирани услуги за психо-социјална, правна и емоционална поддршка – услуги кои се од суштинско значење за надминување на траумите и за јакнење на жртвите“, истакна Коцева Тодорова.
За работничките права, говореше Уранија Пировска од Хелсиншки комитет. Таа подвлече дека многу е важно да се зборува на оваа тема, заради тоа што сè уште постои страв да се пријави родово базирано насилство.
„Во најголем дел од предметите на кои сме работеле, на родово базирано насилство, или случаите на фемициди што сме ги истражувале на некој начин, или од информациите што сме ги добивале од медиумите, е јасно, дека оние кои требало да реагираат навреме и да реагираат соодветно, кога жртвата првпат, вторпат, третпат пријавила насилство, не ги преземале потребните мерки и дејствија“, нагласи Пировска.
Кон пристапот до права и услуги на жените-земјоделки, се осврна Неда Чаловска Димовска, надворешен експерт за родови прашања.
„Невидливите нееднаквости мислам дека се присутни и во самава општинска зграда, можам да кажам, дури и во самава просторија. Би сакала да погледнете, еве само свртете се, на ѕидов не гледам ни една слика од жена, која на некој начин заслужила да биде и придонела, за развојот на Кавадарци. А сигурна сум дека можете минимум да наброите пет, кои се бореле и за слобода, или на некаков начин придонеле за развојот на општината. Исто така кога се симнувате по скалите, прикажани се сликите на сите градоначалници на Кавадарци, нема ниту една жена меѓу нив. Тоа е доказ дека политичкото учество на жените сè уште треба да го освојуваме. И сè уште е една неосвоена територија, а тоа многу има врска со ова што го зборуваме, со корените на нееднаквоста што сè уште ја живееме“, рече таа меѓу другото.
Зборувајќи за трошоците за живот, Билјана Дуковска, од Македонска платформа против сиромаштија, рече дека сега веќе сè е многу поскапо.
„Предизвиците се огромни и големи. Она што мене ме загрижува, е дека кога нашите политичари зборуваат за родовата еднаквост и за економското омоќување на жените, жените се гледаат само како еден ресурс, што сега ќе го вработиме и тој ќе носи пари во буџетот на државата“, посочи таа.
Кога разговарале со луѓето и кога ги прашувале, што донеле, трошоците за живот, одговарале, дека донеле, да се откажат од се.
Ана Аврамоска Нушкова, од Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, рече дека статистиката покажала дека во однос на процентот на пријавување, само два процента се пријавувало во земјава семејното насилство. Европскиот просек бил преку 14-15 проценти на пријавени случаи на семејно насилство.
„Така што, ако имаме ние за 2024 година 1.100 нови жени жртви на насилство, таа бројка е само два процента од реалната бројка, колку жени жртви на семејно насилство има во моментов кај нас“, истакна таа.
Панел-дискусијата беше дел од регионалниот проект „Во одбрана на правото да бидам ЈАС“, финансиран од француското министерство за надворешни работи и Европа, со поддршка на Француската амбасада во Македонија.