сабота, 21 јуни 2025

Панел дискусија: Евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е геополитичка неопходност за Европа

Проширувањето на Европската Унија е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста. Северна Македонија никогаш не се откажала од патот кон европската интеграција, но се соочи со реални предизвици и пречки кои го забавија овој пат. Процесот на интеграција е проект кој бара секојдневна посветеност, политичко трпение и длабока верба во заедничките вредности, порачаа говорниците денеска на панел дискусијата „Обликување на иднината – ЕУ интеграцијата како двигател на напредокот на Северна Македонија“, што се одржува по повод одбележување на Денот на Европа – 9 Мај во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Собранието, Африм Гаши во своето обраќање на панел дискусијата рече дека Европа не е само наша целна дестинација, туку и огледало во кое ја гледаме нашата иднина.

„И покрај тоа што одбележуваме симболична годишнина на ЕУ, означуваме и една четвртина век длабока соработка со нашите партнери. Ова патување ја одразува историјата на нашата посветеност, предизвици и трансформација, но пред се, ја одразува политичката и општествена реалност изградена преку дијалог и заедничка визија“, рече Гаши.

Тој посочи дека на ова патување не беше лесно, но, напомена, државава покажа дека ништо не е поважно од заложбата за изградба на стабилни институции, почитување на владеење на правото и гарантирање на правата на секој граѓанин, прифаќајќи ги целосно европските вредности и стандарди.

„Мора да бидеме искрени и решителни. Северна Македонија никогаш не се откажала од патот кон европската интеграција, но се соочи со реални предизвици и пречки кои го забавија овој пат. Процесот на интеграција е проект кој бара секојдневна посветеност, политичко трпение и длабока верба во заедничките вредности, рече Гаши.

Настанот е организиран од Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Македонија и Вилфрид Мартенс Центарот за Европски студии. Гаши во обраќањето ја потенцираше важноста на соработката со овие партнери.

“Во овој контекст, сакам да ја потенцирам исклучително важната улога на нашите партнери. Континуирата соработка со нашите партнери не е само пожелна, туку и неопходна, за да се обезбеди доследноста и напредокот на реформите. Денес се соочуваме со пречки кои бараат политичка зрелост, разбирање и рационален пристап. Од една страна, идентитетските прашања со кои се соочува земјата се тешки за решавање и бараат време и смиреност“, рече Гаши.

Од другата страна, како што посочи, кризите кои го зафатија регионот јасно покажуваат дека европската интеграција на земјите од Западен Балкан не се само политичко прашање за нас, туку геополитичка неопходност за цела Европа.

„Целосно сум уверен дека Северна Македонија, како што и претходно покажала, ќе ги надмине и овие предизвици, но затоа е неопходна искрена и стабилна поддршка од нашите меѓународни партнери. Заедно како институции организации и граѓани мора да продолжиме да ја градиме Северна Македонија. Како претседател на Собранието ја гарантирам мојата заложба во овој институционален дом да остане столб на демократијата и место за дијалог, а не место за поделби и арена на тесни интереси“, рече Гаши.

Претседателот на Фондацијата Конрад Аденауер и 12-ти претседател на германскиот Бундестаг, Норберт Ламерт во своето обраќање на настанот посочи дека проширувањето на Европската Унија е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста.

„Од нашиот последен самит излезе заклучокот дека процесот на проширување доби нова динамика и има постигнато значителен напредок. Според мојата перцепција, мислам дека ние сме повеќе соочени со дискретна стагнација, а не со очигледен напредок. Потенцијалните земји членки треба да исполнат одредени критериуми кои што се неопходни за пристапување во ЕУ, а и убеден сум дека иновациите во поновата историја на Европа се всушност дел од процесот на европската интеграција“, рече Ламерт.

Претседателот на Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс и поранешен премиер на Словачка Микулаш Ѕуринда, напомена оти верува дека исто како и Словачка, патот на Северна Македонија ќе биде успешен, а тоа ќе значи дека крајната цел на пристапување кон Европската Унија ќе биде исполнета.

„Ова го изјавувам со целосната свесност за сите предизвици со кои се соочувала Македонија до сега и сите предизвици кои најверојатно ќе продолжат и во иднина да бидат предизвик за земјата. Навистина сум свесен и можам да замислам колкава е фрустрацијата која што ја чувствуваат македонските лидери, кои што се надеваат на европското членство, а истовремено се свесни за сите недоследности со кои се соочува оваа земја. Сите сме свесни дека надворешните околности се сменија, почнувајќи од големото проширување во 2002 година, во кое беше и мојата земја. Овие околности, за жал, беа променети на полошо“, рече Ѕуринда.

Според него, одредени политичките лидери успеаја финансиската глобална криза, масовните миграции во Европа, ковид пандемијата и други глобални проблеми да ги искористат за свои лични, себични цели.

„Истовремено, гледаме дека овие сили немаат план, немаат капацитети ниту програм како да одговорат на сериозните тешкотии и предизвици со кои што се соочуваме во денешно време. Токму затоа, ние конзервативците и проевропските сили мора да пружиме отпор на ваквите притисоци. Ние во ЕУ, нашите земји членки и европските институции се свесни за оние задачи кои што треба да се исполнат од наша страна. Ние сме свесни за потребата од реформи, кои што ќе овозможат ефикасно донесување на одлуките во областа на надворешната политика и на одбраната“, рече Ѕуринда.

Тој потенцира дека висок приоритет се земјите од Западен Балкан, кои би требало да бидат членки на ЕУ.

„Но сепак, ни претстои голема работа. Блокираниот процес треба да биде одблокиран. Северна Македонија во минатото веќе покажа дека ја разбира потребата за компромис. Приказната на вашата земја е доказ за ваквата способност, волја и посветеност е доказ дека навидум нерешливи прашања можат да се решат“, додаде Ѕуринда.

Претседателката на Европското движење во земјава Милева Ѓуровска рече дека на денот на одбележување на Денот на Европа, потребно е да се испрати јасна и недвосмислена порака за мир, солидарност и владеење на правото како темелни вредности и стремежот да се гради стабилна и праведна заедница.

„Потрбено е да го негуваме мирот и да градиме заедница со дела, а не само со зборови. Ние сме на патот на ЕУ, многу скоро тоа треба и вистински да започне. Денес се соочуваме со сериозни предизвици, тоа се уставните промени кои што се предуслов за продолжување на пристапниот процес. Ова е тешко прашање кое носи голема политичка и институционална тежина, која бара мудрост, храброст и подготвеност за компромоси. Но, со компромисите не треба да го загубиме нашето достоинство“, рече Ѓуровска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ