„Од самиот почеток укажував дека обвинението е правно и фактички неосновано, дека постапката е оптоварена со сериозни процесни пропусти и дека не постојат докази што би ја поткрепиле тезата за измама или перење пари.
Во текот на постапката против мене беа водени две обвиненија. Првото се однесуваше на наводна злоупотреба на положбата и оштетување на акционерите на ‘Бетон – Штип’, при што обвинителката тврдеше дека постојат околу 150 оштетени лица. На самото судење, ова обвинение беше повлечено, бидејќи во реалноста не постоеше ниту еден оштетен акционер.
Паралелно, со правна манипулација беше продолжена постапката за наводна измама и перење пари во однос на Кираца Трајковска, која ја презеде нов обвинител. По јасна изјава од страна на Трајковска, дека никогаш немала контакт со мене, како и по изјавите на 14 акционери од „’Фершпед’ дека ниту тие никогаш немале разговор или каков било однос со мене, стана очигледно дека не постои ниту фактичка, ниту правна основа за продолжување на обвинителниот акт“, вели Панделевски во соопштението.
Тој наведува дека со повлекувањето на обвинението, обвинителството практично потврдило дека:
не постои доказ дека презел дејствија со намера за прибавување противправна имотна корист;
не постои доказ дека довел кого било во заблуда; ниту пак дека имал влијание врз одлуките на акционерите или управувањето со нивниот имот.
„Овој исход за мене не претставува победа, туку задоцнета институционална потврда дека правото и фактите, и покрај сè, мора да надвладеат. Истовремено, не може да се игнорира фактот дека оваа повеќегодишна постапка остави сериозни последици врз мојот личен и деловен интегритет, како и врз компаниите со кои сум поврзан. Во изминатите години тие функционираа под постојан притисок, правна неизвесност и нарушена деловна репутација, што неминовно влијаеше врз нивната работа и развој.
Во наредниот период ќе биде направена детална анализа на сите последици од оваа постапка – правни, економски и репутациски – по што ќе донесам одлука за понатамошните чекори, вклучително и за начинот на исправување на нанесената штета и мојот иден деловен ангажман.
Очекувам овој случај да послужи како сериозно предупредување за значењето на почитувањето на основните принципи на правична постапка, законитост и професионална одговорност во работењето на институциите, особено во предмети со висок јавен и економски импакт. Како бизнисмен со повеќедецениско искуство и без ниту една дамка во своето професионално портфолио, укажувам дека обвинителството секогаш мора да води сметка за интегритетот на лицата, бидејќи штетата од вакви постапки не се нанесува само врз неправедно обвинетиот, туку и врз целото општество“ наведува Цветан Панделевски во соопштението за јавност.






