Барањето беше образложено со сомневање дека присуството на Палевски би можело да влијае врз вистинитоста на исказот на Кешишев. Како доказ беше наведен случајот со изјавата која во ноември лани Кешишев ја достави до судот, во која наведува дека Палевски нема врска со случајот, а потоа ја негираше со образложение дека бил принуден од Палевски да ја напише.
„Бараме обвинетиот Љупчо Палевски да биде отстранет од судницата поради околности кои укажуваат дека обвинетиот Кешишев во негово присуство нема да ја зборува вистината, односно, како во текот на постапката, со доставувањето на изјава од страна на обвинетиот на 20.11.2024 година, а која потоа ја негираше на расправата на 25.11.2024, во која изјава од страна на обвинетиот Љупчо Палевски му била дадена да ја препише, потпише и достави како своја. Сметам дека со ова е извршено влијание врз давањето на исказ на обвинетиот Кешишев, па оттука сметам дека е оправдан стравот на одбраната дека истиот нема да ја зборува вистината“, рече адвокатот Ефремов.
Одбраната на Палевски се спротивстави на барањето, посочувајќи дека ваквото отстранување е непотребно и дека се изнесуваат невистини без соодветни докази.
„Нема потреба од вакви драми и сцени. Истиот може да ја зборува вистината, доколку ја знае и е искрен да си ја каже, а на Љупчо Палевски, мислам дека во спротивно би му било оневозможено да го следи неговиот исказ и да поставува прашања. Едно е јас како бранител што ќе го следам неговиот исказ, а друго е Љупчо Палевски самиот да фаќа прибелешки и да поставува прашања на обвинетиот Влатко Кешишев“, рече адвокатот Јовица Страшевски, бранител на Палевски.
Палевски дополни дека смета дека адвокатот Ефремов изнесува невистини.
„Сметам дека бранителот на обвинетиот Кешишев се служи со невистини, изнесува факти кои не постојат, заборави да приложи пишана изјава од мене која сум го терал Влатко Кешишев да ја потпише, Ова е втор пат да изнесува лаги, без притоа да приложи каков било доказ дека јас сум давал писма, изјави да се препишат во име на обвинетиот Кешишев. Затоа го молам судот да бидам присутен, затоа што на претходните испитувања не добив ниту еден укор од судот дека сум прекинувал или влијаел на исказите. Може и со грб да биде свртен, мене ми е важно да слушнам што ќе изјави обвинетиот Кешишев“, рече Палевски.
Судот одлучи дека постојат околности кои го оправдуваат ова решение, особено со согласноста на обвинетиот Кешишев за предложеното отстранување.
„Судот донесе решение дека Палевски се оддалечува од судницата бидејќи постојат околности дека во негово присуство нема да ја зборува вистината“, рече судијата Ивица Стефановски.
Откако Палевски беше отстранет од судницата, неговиот адвокат побара да биде прекината постапката и да се повика вешто лице да ја утврди здравствената состојба на Кешишев. Судот го одби овој предлог и судењето продолжи со сослушување на обвинетиот Кешишев.
На минатото рочиште беше сослушуван обвинетиот Боре Видевски кој ги негираше исказите дадени од Обвинителството посочувајќи дека нема никаква поврзаност со убиствата на Вања и Панче.