Прашан дали и како ги знае другите обвинети во случајот, Палевски рече дека Влатко Кешишев го познава затоа што бил домаќин во партијата, кого го нарече чесен Македонец. За Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања слушнал кога му го прочитал името во кривичната пријава. Велибор Манев го знаел по ангажманот, првично во здружението, а потоа и во партијата Десна и го окарактеризира како алчен за пари и дека поради тоа имало конфликтни ситуации во партијата. Обвинетиот Боре Видевски го запознал преку Манев, кој го зачленил во Десна, но рече дека бил скромен и дисциплиниран човек, со кој немал можност многу социјално да се дружи.
За бегството од македонија по двојното убиство, Палевски рече дека не избегал никаде, туку заминал за Србија со регуларен пасош, давајќи си малку време за одмор каде оставарил средби со долгогодишни соработници.
За адвокатот Васко Стојков кој го однел во Белград, кажа дека се вратил во Скопје поради работни обврски, па затоа за транспорт до Турција побарал помош од Стефан Димовски. Палевски се пожали на третманот на Обвинителството во текот на истрагата, наведувајќи дека важни докази не биле приложени како докази во постапката, а дел од одземените предмети не биле воопшто евидентирани во записникот за одземени работи.
„Причини за патувањето, а не бегство – беа мојата здравствена состојба, посетата на Турскиот архив во Истанбул и како трета причина беше мојата желба да одам во Москва. Но ниту резервирав, ниту купив карта за Москва или Минск, како што тоа го прикажа обвинителството. Причина за патувањето во Москва беше за да ги земам новгородските ливчиња од Јавната библиотека во Москва, поврзани со верски прашања за МПЦ-ОА“, рече Палевски.
Навраќајќи се на првата прес конференција на МВР и Обвинителството, за случајот на убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, адвокатот Јовица Стрсшевски го праша Палевски дали се чувствува како монструм како што беше прикажан во јавноста. Палевски рече дека не се чувствува како монструм, а правото на презумција на невиност за него не постоело, затоа што шефот на ОЈО Скопје, гаврил Бубевски и тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се директно одговорни за перење огромни суми пари во Македонија, нешто за кое што Палевски зборувал и открил во своите поткасти.
„Допрен глас за ОЈО Скопје не постои, а медиумите се комплетно корумпирани од банкарскиот сектор“, рече Палевски.
Тој уште кажа дека ОЈО Скопје до поднесување на кривичната пријава на 5.12.2023 година направило само едно вештачење на телефонот на убиениот Панче Жежовски, а сите други после 5.12.2023. Зборувајќи кој и зошто погрешно ги информирал медиумите, Палевски како пример го наведе сведокот Гоце Трајковски, кој според зборовите на Палевски до полицијата праќал скриншотови од инфлуенсерката Миа Костова и новинарката Мери Јордановска, кои јавно на социјалните медиуми пишувале дека Вања е вонбрачна ќерка на Палевски.
„Ваквиот однос на медиумите е поради политиките на партија Десна, која единствена покрена иницијатива за референдум за идентитетските прашања на Македонија. Организацијата на линчот одеше и подалеку со повикот на адвокатот Јанаки Митровски никој адвокат да не ме застапува“, рече Палевски.
Прашан дали ладнокрвно ги убил Ѓорчевска и Жежовски, тој рече дека ниту ги грабнал ниту ги убил, затоа што за тоа немал мотив, а доказ за тоа е лаптопот кој го запленил Обвинителството на кој има “еден куп гнасотии на власта” и ако имал мотив ќе уценувал богаташи.
Претходно, на денешното рочиште заврши распитот на таткото на малолетната жртва Вања, Александар Ѓорчевски, кој во петокот, на 11 април одговараше на прашања на обвинителството и на прашања на обвинетиот Палевски, а денеска одговараше на прашањата на судот. Ѓорчевски е меѓу петмината обвинети за учество во извршување на убиствата.
И.О.