понеделник, 8 декември 2025

Палевски наведува три околности од друг случај, битни за обвинението за убиствата на Вања и Панче: пиштол, воки-токи и една снимка

Во продолжението на распитот во судот на првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во ноември 2023 година, Љупчо Палевски, тврдеше дека доказите на Обвинителството му се подметнати. Првите се седумте отпечатоци од возилото „ренџ ровер“ со кој одел во Белград, а кое возило нема врска со обвинението за двојното убиство. Во претпладневниот дел од распитот, првообвинетиот Љупчо Палевски рече дека ниту ги грабнал, ниту ги уби Ѓорчевска и Жежовски и дека целиот случај е политичко –обвинителски линч против него. Претходно, на денешното рочиште заврши распитот на таткото на малолетната жртва Вања, Александар Ѓорчевски, кој во петокот, на 11 април одговараше на прашања на обвинителството и на прашања на првобвинетиот Палевски, а денеска одговараше на прашања на судот. Ѓорчевски е меѓу петмината обвинети за учество во извршување на двете убиства.

Објавено на

часот

Сподели

Палевски рече дека обвинителството некогаш ќе мора да одговори зошто на 1.12.2023 година, инспектори биле во село Глуво каде што живее мајка му, се распрашувале за неговата сопруга како и за возилото „кангу“, а сето тоа е два дена пред да бидат пронајдени телата на Вања и Панче. Палевски повтори дека не учествувал во грабнувањето и двојното убиство. Рече дека не се точни информациите дека додека бил во екстрадициски притвор во Турција во посета му биле влијателни бизнисмени и политичари. Палевски исто така негираше дека додека во 2019 година, кога беше уапсен во Србија имал повластен третман и бил чуван на посебно место.

Прашан дали додека бил во Турција бил посетен од некој од македонската амбасада, или од кој било официјален претставник од Македонија кој бил во посета на Турција, Палевски рече дека никој не го посетил. Што се однесува до неговото барање да го посети некој од македонската амбасада, Палевски рече дека Амбасадата одбила контакт со него, за, како што рече тој – има писмо до директорот на турскиот затвор.

Зборувајќи како и кога беше екстрадиран од Турција, Палевски рече дека било тоа на 15.5.2024 година и дека нема забелешки на однесувањето на полициските службеници и затворот Скопје, каде што беше однесен во притвор и дека односот таму бил коректен, но не бил коректен односот на судот и обвинителството, затоа што му биле ускратени човековите права, бидејќи не му бил врачен никаков документ.

Решението за притвор беше со погрешен матичен број, погрешна адреса на престој и ми беше доставен дури после шест дена, на 21 мај 2024 година, во крајно понижувачка процедура на главниот влез од Кривичниот суд во Скопје каде бев донесен за да ми се врачи решението за притвор. Не само што бев киднапиран шест дена, не ме удостоија и да ме известат зашто сум уапсен, ниту ми доставија записник од исказот. Тоа го направија по завршувањето на истрагата“, кажа Палевски во судницата.

Тој тврди дека наместените докази биле ставени во обвинението за другите четворица обвинети во овој случај, а не во неговото обвинение, па затоа тој прв пат можел да ги види доказите против него откако двете обвиненија беа споени, а главната расправа веќе почната. Палевски тврди дека сам ги дал кодовите од неговите телефони за да бидат вештачени, а проблеми имало само со  „ајфонот“, но тој сам пред обвинителството го отклучил.

Првообвинетиот во случајот со двојното убиство, смета дека токму во „ајфонот“  има многу докази во негова полза, но за жал, рече Палевски со дискреционо право на судот не му било дозволено да ги презентира. Но анализите што ги направил дополнително ќе ги достави до судот, како што е на пример тврдењето на обвинетиот Велибор Манев дека Палевски му се заканувал, како и 12 пораки и два телефонски разговори дека Ерол Османи, човекот за кој Палевски тврди дека му го поправал котелот критичниот ден, лажел.

„Очекував коректен  однос и од обвинителството, но тоа не се случи и јас бев спречен да се подготвам за одбрана“, рече Палевски.

Тој тврдеше дека исказите на другите обвинети не му биле дадени на увид, тоа го направил адвокатот Марјан Витанов. Прашан како дознал за исказите на обвинетите и како тие дошле до него, Палевски рече дека тие се дел од обвинението и се дел од доказите против него.

„Тој што ги ширеше лажните информации – или го правел тоа од незнаење, или е злонамерен. Увид во исказите на другите обвинети имав на второто рочиште, кога давав исказ пред Обвинителството кое му дозволи да видам дел од исказите на другите обвинети и ми било дозволено да запишувам. За цело време додека бев во притвор не бев тепан и малтретиран, освен после 27.12.2024 година, кога пред судот ги издиктирав оружјата – ми беа направени шест претреси во ќелијата, но не ми најдоа ниту еден телефон“, рече Палевски.

За настанот во Демир Капија, кога Палевски и другите четворица обвинети за двојното убиство беа фатени како незаконски бараат злато, рече дека е многу битен за оваа постапка,  затоа што тогаш му бил одземен пиштолот што го поседувал со дозвола, а тоа се случува шест месеци пред убиството на Вања и Панче.

„Овој настан е многу важен, затоа што е организиран од Велибор Манев затоа што ни кажа мене и на Влатко Кешишев да внимаваме, додека тој и Боре Видевски отидоа во пештерата за да ја проверат. Тогаш прв пат видов воки-токи што ми го даде Манев, еден мене, еден на Кешишев, а сето ова е забележано во полицискиот записник на полицијата од Неготино“, рече Палевски.

За него е важно и тоа што снимката што Основното јавно обвинителство Скопје ја покажа пред судот тврдејќи дека е од денот на грабнувањето на Вања Ѓорчевска всушност е снимка од денот кога обвинетите оделе токму во Демир Капија за да бараат злато.

„Затоа три околности се битни за обвинението, а се поврзани со случајот од Демир Капија, тоа се пиштолот, воки-токијата и снимката“, рече Палевски.

Во претпладневниот дел од распитот, првообвинетиот Љупчо Палевски рече дека ниту ги грабнал, ниту ги уби Ѓорчевска и Жежовски и дека целиот случај е политичко –обвинителски линч против него.

Претходно, на денешното рочиште заврши распитот на таткото на малолетната жртва Вања, Александар Ѓорчевски, кој во петокот, на 11 април одговараше на прашања на обвинителството и на прашања на првобвинетиот Палевски, а денеска одговараше на прашања на судот. Ѓорчевски е меѓу петмината обвинети за учество во извршување на двете убиства.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ