сабота, 10 мај 2025

Палевски: Наместо обвинителството, началникот на МВР-Дејан Димовски ја водеше истрагата против мене

Во вториот дел од денешното рочиште на судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во одбраната на Љупчо Палевски, неговиот бранител го прашува каде бил и што правел деновите пред и за време на убистовото на Жежовски.

Објавено на

часот

Сподели

„Не знам каде се наоѓа местото Рудник, но можам да кажам дека ова место е крајно потценето во оваа истрага затоа што таму е раскопана огромна дупка, што претставува пет кубни метри земја“, одговори Палевски на прашање на неговиот адвокат за тоа дали знае каде е местото каде што е закопан убиениот Панче Жежовски.

„Кај Рудник, каде што е најден Жежовски, до денес кога го давам овој исказ не е утврдено кога е убиен овој човек. Во исто време ни ОЈО Скопје, ни Судска медицина не напишале во наредбата барем приближно време на настапување на смртта на Жежовски. Во извештајот на Судска медицина ја пишува само причината за смртта. На местото е најдена испалена чаура која е вештачена и констатирани се идентификациски траги од испалување. Но овој доказ не е приложен од страна на Обвинителството“, рече Палевски.

На прашањето на неговиот адвокат Јовица Страшевски дали е точно дека купувал алат, при тоа мислејќи на лопатите со кои биле закопани Ѓорчевска и Жежовски, Палевски рече дека не се сеќава дека купувал алат.

Палевски пред судот тврдеше дека не е точно дека тој му наредил на обвинетиот Влатко Кешишев да му помага на обвинетиот Велибор Манев да ги копаат дупките во кои беа пронајдени Вања и Панче, особено што, рече Палевски, Кешишев е познат по тоа што често ги менува исказите.

„Најодговорно тврдам дека изјавите на Кешишев се измислени за оваа криминална истрага под раководство на Дејан Димовски, началник во СВР Скопје, кој ја водеше истрагата наместо тоа да го прави Обвинителството, како што е според законот, со што ОЈО е ставено пред свршен чин да брани нешто што многу тешко се брани“, рече Палевски.

„Во обвинението пишува дека со пиштол, калибар 9мм испукан е куршум во главата на Жежовски? Дали е точно?“, беше поставено прашање до Палевски.

„Не е точно, бидејќи не сум бил на местото на настанот. Но истрагата на Димовски во ‘гвантанамо стил’ утврдила врз основа на исказите на Велибор Манев и тоа го ставил во доказите на обвинителството“, одговори Палевски.

Тој кажа дека Манев дал три различни искази во врска со пукањето во Панче Жежовски.

„И така обвинителството тврди дека јас сум пукал во Жежовски без ниту еден доказ, а врз основа на изјавата на Велибор Манев кој три пати ја промени изјавата. Не сум пукал во Жежовски и дефинитивно тој не е убиен на 24.11.2023. Но докази немам, затоа што сум во притвор“, цели Палевски во сведочењето.

За моторолите со кои комуницирале за време на двете убиства, Палевски рече дека тој не ги набавил моторолите, туку дека Манев дошол во штабот на партијата Десна и ако му требале ќе ги побарал од него.

„Но Обвинителството ги користи моторолите како не знам каков доказ, а тие не се орудието во убиствата. Моторолите во стариот штаб се појавија кога Манев ги донесе сосе полначи и ги заборави – еден месец беа во стариот штаб. Подоцна дојде си ги зема, а во новиот штаб мотороли не постоеја“, наведе Палевски.

Понатаму, обвинетиот Палевски тврдеше дека не набавил средство за чистење отпечатоци, туку дека шишето и фискалната сметка за купување на тоа средство биле пронајдени кај Велибор Манев.

 И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ