вторник, 10 јуни 2025

Палевски и Видевски не се откажуваат од барањето да се вештачи чаурата и покрај тврдењето на ОЈО дека тоа е невозможно

Прашањето за оружјето на обвинетиот Боре Видевски и недостатокот од траги за испукување во базата на Министерството за внатрешни работи (МВР), според неговиот бранител, адвокат Бојан Манев е контрадикторно. Тој изрази сомнеж околу контрадикторноста во документите што ги доставило МВР до Обвинителството, кои беа презентирани на денешното дополнение на доказната постапка. Обвинителката Ана Димитровска Стојковиќ во изјава за медиумите рече дека стандардна процедура е кога обвинителството бара вештачење на чаура истата да се спореди со чаурите во системот на МВР, дали истата соодветствува со некое оружје или со чаури пронајдени и поврзани со некое извшрено кривично дело.

Објавено на

часот

Сподели

„Од една страна имаме потврда дека оружјето е легално, но од друга страна нема никакви податоци за испукување во базата на МВР. Ова е или пропуст или намерно занемарување на архивите“, изјави адвокатот на обвинетиот Видевски, Бојан Манев, додавајќи дека ќе повика сведоци кои можат да потврдат присуството на Видевски на неговото работно место на 22 ноември.

Според него, ова е страшно нејасна ситуација, легално оружје да не биде испукано и како тоа оружје е влезено во правен промет ако не е испукано.

„Нема теоретска можност оружјето да не е испукано“, рече е Манев.

Овој пиштол е важен бидејќи е можно со него да е убиен Панче Жежовски во Велес.

Дополнително, адвокатот Јовица Страшевски, кој го застапува Љупчо Палевски, побара вештачење на чаурата пронајдена на местото на убиството на Панче Жежовски.

„Обвинителството денеска достави наредба и известување, каде што е побарано дали од кривично-правни настани во Македонија кои се случени, е испукано од некои од тие тестирани чаури или пиштоли, и дали е испукано од оружјето на Боре Видевски. Меѓутоа, не и од сите останати регуларни пиштоли за кои постои евиденција во РМ. Такво нешто Обвинителството нема. Глупаво е да се изразам дека на шверцерски начин сака да се сокрие една работа која е многу битна, а таа е битна да се најде чаурата од кое оружје е испукано, дали од легално или нелегално“ рече Страшевски.

Според извештаите што беа презентирани на рочиштето, предметната чаура не се поклопува со веќе регистрираните податоци во системот. Во однос на оружјето на Видевски, иако поседува легална дозвола од 1998 година, недостасуваат записи за испукување.

Обвинителката Ана Димитровска Стојковиќ во изјава за медиумите рече дека стандардна процедура е кога обвинителството бара вештачење на чаура истата да се спореди со чаурите во системот на МВР, дали истата соодветствува со некое оружје или со чаури пронајдени и поврзани со некое извшрено кривично дело.

„Бидејќи тоа е стандардна процедура таа околност не е наведена во самото вештачење бидејќи не е дојдено до резултати кои што се потврдени, односно чаурата не е поврзана со некој крвично правен настан или ја нема во базата на податоци. Но бидејќи обвинетиот Палвеси инсистираше и манипулираше со јавноста и судот дека такво вештачење намерно не е направено, обвинителствот се обрати до МВР со цел да ги побие таквите наводи“, рече во изјава за медиумите обвинителката Ана Димитровска Стојковиќ.

Судењето продолжува со дополнително изведување на докази од страна на обвинителството. Во обвинението пишува дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ