„Обвинителниот акт е непрецизен, контрадикторен и не содржи јасно наведени дејствија што Палевски наводно ги сторил. Обвинителството не достави доволно докази, не докажа вина надвор од разумен сомнеж и прекрши низа законски одредби, вклучително и правото на еднаквост“, изјави Страшевски.
Тој посочи дека Обвинителството не ги приложило доказите заедно со обвинителниот акт, а судијата во претходната постапка одлучувал само врз основа на актот, што претставува кршење на Законот за кривична постапка.
Во текот на говорот, адвокатот презентираше и две видео-снимки кои, според него, досега не биле прикажани. На снимките се гледа како обвинетиот Велибор Манев и друго лице ракуваат со предмети околу возилото рено кангу. Според Страшевски, овие снимки, предложени и од ОЈО, го поткопуваат обвинението, бидејќи не се совпаѓаат со неговите тврдења.
Адвокатот ја критикуваше и истрагата на МВР, наведувајќи контрадикторни изјави на инспекторите и обвинетите за начинот на киднапирање на Жежовски. Укажа и на недостиг на материјални докази за вмешаноста на Палевски, како и на отсуство на ДНК, отпечатоци или други елементи што би го поврзале со делото.
„Најсилен доказ против него е исказот на Велибор Манев, кој повеќепати го менуваше сведочењето, а и самиот изјави дека давал искази под притисок. Обвинителството не го пронајде човекот кој, според Манев, го зел ранецот со моторолите и пиштолот. Не е вештачен ниту пиштолот ниту чаурата пронајдена на местото каде што е убиен Жежовски“, рече Страшевски.
Тој обвини дека системот „Безбеден град“ не е целосно законски функционален и дека снимките се прибавени на сомнителен начин. Според него, и регистарските ознаки на возилата не се совпаѓаат со оние во системот.
За убиството на Вања, Страшевски рече дека Обвинителството не дало јасен мотив и дека не се одговорени клучни прашања, зошто токму Вања, а не нејзината сестра Миња?
„Не е разјаснет ниту бројот на обидите за киднапирање, ниту тоа кој ги извршил. Снимките не покажуваат три лица во возилото, туку едно, чија физиономија не одговара на ниту еден од обвинетите“, додаде Страшевски.
Во однос на наводниот разговор меѓу Палевски и турски број во време на убиството на Вања, Страшевски рече дека тоа потврдува оти тој користел телефон, спротивно на тврдењата на обвинителството. Тој посочи и на несоодветно третирање на докази, вклучувајќи непроверени балистички траги и нелогичности во временската рамка на настаните.
„Обвинителниот акт се темели на претпоставки, а не на факти. Судот треба да ги отфрли сите паушални тврдења и да го ослободи Палевски“, заклучи бранителот.