Не случајно на оваа одлука на скопскиот Кривичен суд реагираше Јавното обвинителство со барање за притвор за Фатон Љ. Обвинителство бара притвор затоа што Фатон избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен, што за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да избега ако биде пуштен да се брани од слобода.
Освен тоа, како што велат од ОЈО Скопје, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго (моторот беше без регистарски таблички, а Фатон без дозвола), што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело.
Во овој случај и во случајот со Фросина и Васил Јованов нема големи разлики. Југослав загина на пешачка патека, Фросина на пешачки премин. И Фатон и Васил немаа возачка дозвола, а имаа предмети за други кривични прекршоци по македонските судови. Васил не избегал од местото на настанот, Фатон избегал, а по 48 часа се пријавил во полициска станица.
Судот на Васил му одреди притвор, а на Фатон домашен притвор. Која е разликата?
Ваквите судски одлуки се само дел од мозаикот кои ја донесоа довербата во македонското правосудство на славните 2%.
Го чекаме одговорот на барањето на Обвинителството возачот на мотоциклот сепак да оди во ефективен притвор.