„Ние како Влада уште од септември ја отвораме оваа тема во Брисел. Разговараме, исто како што разговараме за квотите за челикот, исто како за укинување на телефонскиот роаминг, и за други теми, и ќе продолжиме да разговараме. Ако некој навистина смета на овој дел од Европа, како што ни кажуваат дека сметаат на нас, ова се мали, небитни работи. Не може 450 камиони од Македонија да ја загрозат економијата на Европа. Зарем 450 камиони од Македонија може да земат некому бизнис? Напротив, тие може да додадат вредност. На крајот на денот, тие превезуваат полупроизводи за европските производители во регионот“, рече Мицкоски во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ21. Додаде дека е оптимист за постигнување решение.
„Оптимист сум, затоа што последните вести од таму се дека за оние од авиосообраќајот и во железничкиот сообраќај, се изземаат. Да речеме, ако македонски граѓанин е пилот, или работи како стјуард во авиокомпанија која оперира во шенген-зоната, ќе биде изземен од оваа мерка. Истото важи за машиновозачите и така натаму. Се надевам дека ќе се случи за патниот сообраќај, за патничкиот и товарниот, затоа што нема друг начин. Вака, ќе трпи регионалната економија, но генерално трпат и економиите на ЕУ. И на крајот од денот, ова е моментот кога ЕУ треба да покаже, вистински, како стои зад своите партнери од Балканот, коишто толку многу сака да ги види во рамките на европското семејство“, посочи премиерот Мицкоски.






