Протестот започнува на 28 јануари 2026 година во 17 часот пред Работнички дом (зграда на ССМ на ул. Мирче Ацев бр.6) во Скопје, по што продолжува пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
„28 јануари е денот кога зборуваат работниците ! Овој протест не е за ‘ако имаш време’ па ќе дојдеш, не е ниту за ,,чекај сега, кај најдоа да протестираат во 17 ч., ќе биде темно и ладно, може и ќе врне, може друг ќе протестира па ќе завршат работа”.
Овој протест е за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први, а кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно со тебе.
Овој протест е затоа што те потценуваат и понижуваат и газдите и властите, затоа што на едните им е важно за ниски плати да им го создавате капиталот, а на другите им е важно со ниски плати да ги гласате за да ве владеат, да владеат сиромашен народ, но послушен народ, затоа што ако имате пристојна плата и пристојна работа нема да мислите ниту на едните, ниту на другите.
Овој протест е за сите вас, за вашите деца, за вашите внуци за тоа што со мизерни плати некој свесно ве брка и ви ги брка од државата.
Овој протест е против неправдата, против неправдата тие да имаат, а вие да немате, неправдата која значи 250 евра зголемени плати за нив и 78 % зголемени плати на нив (избраните и именуваните), 250 евра зголемена плата на истите тие на кои вие им ја давате моќта и платата, а тие не водат грижа за вас и за вашите семејства.
Овој протест е затоа што сакаат да ве заменат со ефтина работна сила од странство, а вие да ги гласате.
Овој протест е против газдите, против истите тие кои одбиваат да ви ја зголемат платата за да не се откажат од добивката и луксузот кој им го овозможувате со вашиот труд и вашата пот, против газдите кои не само што ги избркаа квалификуваните работници од Македонија, туку избркаа цели семејства.
Овој протест е затоа што одбиваат да ја зголемат минималната плата, а со тоа ве принудуваат да живеете во сиромаштија, затоа што повеќе од 200.000 работници имаат плата под 31.200 денари, односно под прагот на сиромаштија во Македонија.

Овој протест е затоа што Владата оваа година не планира да ги зголеми платите во јавниот сектор, на војската, полицијата, управата и правосудството,, културата и др., а во здравството и образованието само минимално да ги усогласи, а планира на функционерите да ги зголеми за 10% или од 200 до 300 евра.
Овој протест е и затоа што не ги почитуваат колективните договори и не исплаќаат плата согласно истите за да не им се зголемеле многу платите на работниците, па сте приморани да тужите.
Овој протест е затоа што тие сметаат дека вам не ви е потребно зголемување на вашата плата, затоа што не барате, затоа што ако не барате, тие мислат дека ви е доста.
Овој протест е за сите кои се плашат, им се закануваат и ги омаловажуваат затоа што сами не можат да се изборат против своите работодавачи за зголемување на нивната плата.
Овој протест е дури и за оние кои не напаѓаат, а не се функционери, затоа што со нашата борба и тие ќе добијат зголемена плата и зголемена пензија.
Овој протест е затоа што господата (власта и газдите) ви личат многу големи, а ви личат големи затоа што им клечите, станете со нас и ќе видите всушност колку се тие ситни и мали.
Нема на кого да му се плашите, на 28 јануари во 17 ч., придружете ни се, облечете се топло, капа, шал и во темницата застанете со работниците.
Ова не е покана за протест, секој сам треба да се покани, секој сам треба да го покани своето семејство, своите колешки и колеги, затоа што со седење дома давате аргументи и сила на тие што одбиваат да Ви ја зголемат платата.
Јас и луѓето што ги знам ќе бидеме таму, доколку и ти и луѓето што ги знаеш дојдете, треба да знаеш дека сами може не можеме да промениме многу, но заедно можеме да промениме сè!
А овој протест, овој протест е само почеток доколку не ги зголемат вашите плати и доколку продолжат да го газат вашето достоинство“, се вели во отвореното писмо, повик за протест на ССМ, потпишан од претседателот Слободан Трендафилов.






