среда, 2 април 2025

Отворено писмо на родителот на новинарот Томиќ до Таравари: Нефункционалниот систем го уби син ми!

Министре Таравари, до каде ќе оди оваа медицинска негрижа? До каде? Колку животи треба уште да бидат згаснати за конечно да се преземе одговорност? Ако не од Вас, од кого да го бараме одговорот? Мојот син, Ѓорѓи Томиќ, е жртва на овој нефункционален здравствен систем. Пред 52 дена, во државна болница, пред очите на докторите, Ѓорѓи умираше – сам, во болка, без да добие никаква вистинска медицинска помош. Јас, неговиот татко, бев сведок на таа страшна глетка која никогаш нема да ја заборавам.

Објавено на

часот

Сподели

Медицинска негрижа или свесно убиство? Како е можно пациент со сатурација 65, очигледен знак дека органите откажуваат, да не биде веднаш интубиран?

Како е можно дежурната докторка Невенка Риддева  да не викне анестезиолог, ниту да го пренесе Ѓорѓи на Ургентен центар, кој беше само 20 метри оддалечен?

Проф. д-р Сашко Јовев, беше сведок на оваа монструозност, гледал како Ѓорѓи умира од негрижа.

„Зошто не беше повикан анестезиолог уште од првото влошување во 21:45, кога Ѓорѓи веќе беше критичен со сатурација 65?“, праша Јовев. На тоа, дежурната Риддева одговорила: „Не можев да најдам, а и така тој е готов…“, мислејќи на мојот син Ѓорѓи. Каде беа одговорните лекари?

Каде беше директорката на Хематологија, д-р Соња Ставриќ? Зошто одделенската докторка, д-р Марија Попова, не дојде веднаш кај Ѓорѓи? Дали Невенка Риддева воопшто ги информирала Попова и Ставриќ, или свесно го оставила Ѓорѓи да заврши трагично со крварење во мозокот? Зошто не ни беше дозволено да бидеме покрај Ѓорѓи?

Јас и неговата мајка многу пати молевме да ни дозволат да бидеме со Ѓорѓи во неговите критични моменти. Но директорката Ставриќ категорично нѐ одби.

Да бевме еден од нас со него, смртта немаше да се случи.

Што криеја? Што се случувало додека Ѓорѓи умираше сам, без никаква помош? Ова се коси со Хипократовата заклетва. Ѓорѓи почина на монструозен начин.

Тој беше оставен без медицинска грижа, а лекарите кои требаше да го спасат, свесно го игнорираа и не направија ништо.

Министре, дали ова е здравствениот систем што го браните? Клиниката за Хематологија НЕМА ЛИФТ! Го носевме Ѓорѓи по скали, додека се бореше за живот. Комисијата што ја формиравте не донесе никакви резултати.

Наместо правда, добивме молк. Наместо одговорност, добивме штелуван извештај. Дали животите се вреднуваат различно во овој систем?

Во случајот со Ведат, директорот на болницата во Куманово беше експресно разрешен поради ненавремена медицинска помош. Но, што се случи со мојот син Ѓорѓи, кој беше само 20 метри оддалечен од Ургентниот центар и КАРИЛ, а сепак не доби никаква шанса?

Министре, каде ќе ви одат душите? Ова не е само моја лична трагедија – ова е трагедија на еден цел систем што убива со негрижа.

Додека лекарите виновни за човечки загуби се заштитуваат, извештаите се штелуваат, Вие молчите – а умираат луѓе.

Семејството Томиќ бара:

  1. Целосна ревизија на извештајот на Комисијата, кој е непотполн и неточен.
  2. Испитување дали Невенка Риддева воопшто ги информирала Попова и Ставриќ за критичната состојба на Ѓорѓи.
  3. Одговорност од сите инволвирани лекари, вклучително и разрешување на сите што не го исполниле својот долг.
  4. Реформи во здравствениот систем, за никој друг да не ја доживее судбината на мојот син.

Министре, дали ќе преземете одговорност или ќе го игнорирате ова како и досега?

Одговорите ги чекаме сите ние – семејствата на жртвите, пациентите кои стравуваат за својот живот, целото општество што гледа во Вас.

Затоа што правдата за Ѓорѓи е правда за сите. Мислам дека Ѓорѓи не е соодветно третиран врз основа на медицината базирана на докази и најновите светски протоколи за третман на овој тип на заболување.

Слободан Томиќ, родител на покојниот Ѓорѓи Томиќ

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ