Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека потребата од ваков капацитет е исклучително значајна за ефикасноста на полициските истраги. Според него, секоја современа полициска организација значително ја зголемува својата оперативна способност кога располага со стрелиште кое функционира како лабораторија за балистички истражувања, овозможувајќи тестирање на оружје и муниција во строго контролирани услови и добивање сигурни и споредливи резултати.
Новото стрелиште, како што беше посочено, ќе служи и како центар за обука на стручен кадар, што директно ќе придонесе за зголемување на довербата кај граѓаните. Прецизните анализи и резултати, според Тошковски, овозможуваат поцврсти докази пред судските органи и пообјективно и потемелно расветлување на кривични дела.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан, нагласи дека поседувањето, злоупотребата и трговијата со мало и лесно оружје и натаму претставуваат сериозна закана за безбедноста на граѓаните, поради што е неопходна континуирана работа и вложување во оваа област. Тој истакна дека УНДП, заедно со донаторите, останува посветен на поддршка на МВР во зајакнување на капацитетите за справување со овој безбедносен предизвик.
Современата балистичка лабораторија овозможува напредни анализи на траектории, отпечатоци од цевки и други микроскопски траги, кои се клучни за идентификација на оружјето употребено во конкретни кривични настани.
Проектот за изградба и опремување на стрелиштето е во вредност од околу 200 илјади американски долари и е реализиран во рамки на проект за зајакнување на капацитетите на системот за форензика и истрага на местото на настанот, кој го имплементира УНДП во рамките на регионалниот Патоказ за контрола на мало и лесно оружје на Западен Балкан. Донатори на проектот се повеќе држави и меѓународни партнери, со поддршка од Европската Унија.






