На локалните избори има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10.490 кандидати.
Вчера, ден пред изборите, гласаа затворениците, лицата во домашен притвор, болни и немоќни лица и лица во старските домови.
ДИК најави дека првите согледувања за текот на гласањето и за излезноста ќе ги објави на прес-конференција во 9:30 часот.
Првичните резултати од локалните избори ДИК треба да ги соопшти во рок од 12 часа.
Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Во 19 часот гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список може да се затвори и пред 19 часот, по претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија (ОИК), но не отпочнува со броење на гласовите пред 19 часот.
Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до Општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје, во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.






