вторник, 9 декември 2025

Отворена истрага против петчлена група, тргувала кокаин од Холандија во Македонија

Врз основа на доказите добиени преку скајп комуникацијата, предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица. Во текот на утрово бил извршен претрес на три локации, при што едно лице е приведено, соопштија од ОЈО ГОКК.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

„Постои основано сомнение дека осомничените, заедно со други сега починати лица, во два наврати организирале неовластена набавка, пренесување и продажба на шест килограми наркотична дрога – кокаин од Кралството Холандија до Р.С. Македонија. Наркотичната дрога била наменета за понатамошна неовластена продажба во државава. Осомничените и сега починатите заеднички преземале инкриминирачки активности дејствувајќи секој во својата улога во делот на неовластена набавка на наркотичната дрога, организирање на нејзино пренесување и складирање на соодветна скриена локација, како и нејзина распределба заради понатамошна неовластена продажба. Со дејствијата опишани во наредбата, осомничените сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“, информираа од ОЈО ГОКК.

Во текот на денешниот ден петто осомничениот кој е лишен од слобода ќе биде изведен пред судија на претходна постапка и за него обвинителството ќе побара да му биде определена мерка притвор. Истата мерка ќе биде предложена за уште двајца осомничени – недостапни на органите на прогонот, додека за останатите двајца исто така недостапни на органите на прогонот, а кои претходно се опфатени со наредбата за истрага во предметот „Грчец“, мерката притвор е веќе определена и ќе се применува по нивно пронаоѓање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ