четврток, 25 декември 2025

Отворена истрага против 12 осомничени за лихварство и перење пари

Под раководство на јавен обвинител од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), единиците на МВР денеска, по обезбедени наредби од Основниот кривичен суд – Скопје, извршиле претреси на повеќе локации низ Скопје, поради основано сомневање за сторени кривични дела лихварство и перење пари и други приноси од казниво дело. Надлежниот обвинител, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 12 осомничени за кои постои основано сомневање дека деветмина од нив како соизвршители или помагачи ги сториле двете кривични дела, додека тројца се осомничени за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти ОЈО ГОКК, деветмината осомничени од почетокот на 2022 година до денес се организирале во криминална група што се занимавала со давање на пари со договор, притоа договарајќи несразмерна имотна корист во пари, средства или недвижен имот.

„Тие искористувајќи ја финансиската состојба на оштетените лица им позајмувале пари со пресметување на камата од пет или 15 отсто месечно зголемена за секое задоцнување. Од оштетените барале да им ги вратат позајмените парични средства со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата. Кога оштетените не биле во можност да ја вратат позајмицата, осомничените барале да го предадат или оптоварат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените“, информираа од ОЈО ГОКК.

Наплатата на парите се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка, од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица.

„Паричните средства што во несразмерен износ ги враќале оштетените, се внесувале на сметките на осомничените во банка или во сеф, по што ваквата несразмерна имотна корист на различни начини ја внесувале во легалните финансиски текови. Така, постои основано сомневање дека во истиот период, дванаесетмината осомничени и едно осомничено правно лице, како организирана криминална група за перење на пари, се стекнале со противправна имотна корист од 125.033.527 денари прибавена со кривичното дело лихварство. Дел од прибавените пари кои осомничените во повеќе наврати од повеќе физички лица ги примиле на своите сметки или им биле дадени на рака, со цел да се добие привид дека средствата се легално стекнати ги пуштале и користеле за реализирање на трансакции кон сметки на правни и физички лица, дел ги презеле на сопствени сметки и со нив вршеле плаќање на своите животни потреби, со дел купувале недвижен и движен имот и воделе луксузен живот, а голем дел биле извадени во готовина“, наведуваат од ОЈО ГОКК.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во текот на утрешниот ден ќе достави соодветни предлози за обезбедување присуство на осомничените.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ