Како што информираат од Министерството за образование и наука, на натпреварот учествуваат 36 тима со над 400 ученици на возраст од 9 до 16 години и 50 ментори од општинските и приватните училишта, како и од едукативните центри во Македонија.
Во своето обраќање Јаневска ја нагласила поддршката на секоја идеја во чија основа е поттикнувањето на креативноста, иновативноста, снаодливоста, лидерството и натпреварувачкиот дух кај младите. Јаневска истакнала дека на земјава ѝ требаат генерации кои ќе бидат мотивирани постојано да се надградуваат и стекнатите знаења и вештини да ги применуваат во креирањето одговори на општествените предизвици.

„Оваа активност се совпаѓа во целост на националните образовни политики за поголема промоција на СТЕМ-областите, нивно доближување до младите и насочување да одбираат да се занимаваат со наука, со истражувања и иновации. Зошто ни се такви политиките? Затоа што единственото нешто со кое можеме да се натпреваруваме со светот е знаењето на граѓаните и негова паметна примена во развој на иновации“, истакнала Јаневска.
Според неа, земјата нема големи природни ресурси и затоа фокусот на Владата бил кон забрзана модернизација на образовниот систем со особен фокус на стручното образование, подобра образовна понуда за граѓаните и кон зголемување на вложувањата во науката.
Натпреварот се одржува осма година по ред, под покровителство на УНЕСКО. Оваа година предизвикот на UN-EARTHED е младите користат лего-технологија за изработка на иновативни роботски решенија, кои ќе им помогнат на археолозите полесно да ги истражат наоѓалиштата. Победничките тимови ќе учествуваат на светскиот натпревар.






