петок, 5 декември 2025

Отворен „Богородичен покров“ – фестивал на духовни и хумани вредности

Во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје вечерва беше отворено јубилејното 10. издание на Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“. Фестивалот ќе трае до 14 декември и ќе понуди проекции на документарни и долгометражни филмови посветени на културното и духовното наследство, како и форуми за хумани вредности.

Објавено на

часот

Сподели

Митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, во обраќање на свеченото отворање ја нагласи улогата на филмот како духовен мост меѓу луѓето.

„Секој филм избран за овој фестивал носи единствена порака, создадена да допре до секого, од приказни за искупување до истории на надеж. Овие филмови ги одразуваат суштинските вредности – вербата на луѓето и вечната потрага по Бога“, рече митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј.

Истакна дека филмовите што имаме можност да ги погледнеме не се само лични стихии што се губат во времето, туку садови на живот, извлечени од длабочините на евангелската духовност.

„Тие ја носат силата на пророците, реалноста на апостолите и спокојот на Божјото милосрдие. Тие нè потсетуваат дека светлината свети во темнината, а темнината не ја надвладеа. И нè повикуваат да ја препознаеме таа светлина во очите на другите“, рече митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј.

Во рамки на отворањето на фестивалот беше истакнато и учеството на митрополитот
преспанско-пелагониски г. Петар, кој ја отстапи од Битола во Соборниот храм во Скопје чудотворната икона „Небесна Царица“, во чест на јубилејот.

Во своето обраќање, тој информира дека е донесена копија од иконата, бидејќи оригиналот е во лоша состојба и ѝ претстои реставрација.

„Чудотворните икони се последица на силната вера на оние што веруваат дека оригиналното, во конкретниов случај Мајката Божја, може да делува преку прототипот – иконата, доколку како посредница нејзе ѝ се обраќаме“, рече г. Петар.

Посетителите од денеска до завршувањето на фестивалот ќе имаат можност да се поклонат на чудотворната икона на Пресвета Богородица „Небесна Царица“ во Соборниот храм во Скопје.

Фестивалот започна вечерва со проекција на рускиот документарен филм „Воведение во храмот“, во продукција на „Студио неофит“. Филмот во времетраење од 38 минути го истражува потеклото и духовното значење на празникот и историјата и традициите на овој патронен празник на манастирот на Оптинската пустина.

Според програмата, утре во Соборниот храм во 16 часот ќе се одржи форум за хуманитарни вредности „Знаењето е здравје“, по што ќе биде прикажан документарниот филм „Успение на Пресвета Богоридца“, во времетраење од 39 минути. Филмот е снимен во Псковско-Печевскиот манастир, наречен „Свето Успение“ и е посветен на Успението на Мајка Богородица, познат и како „Велигден на Богородица“.

Фестивалската програма од 8 до 14 декември ќе се одржува на Европскиот универзитет и ќе бидат прикажани долгометражниот филм „Варава“, документарецот „Раѓање на Богородица“, документарно-играниот филм „Светиот Арипелаг“, како и документарците „Приказни од Атос“, „Стела“, „Доброчинител“.

Фестивалот се одржува со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и почесниот претседател на фестивалот митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј.

Посветен е на духовните, хумани и културни вредности и е единствен од ваков жанр во државава.

На затворањето на фестивалот, на 14 декември ќе биде прикажан долгометражниот игран филм „13-от ДЕН“, историска драма во продукција на „13 DAY“ Films од Обединетото Кралство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ