сабота, 6 декември 2025

Откуп на живот за неколку грама злато

Објавено на

часот

Сподели


Познатата Златарска улица во Старата скопска чаршија денес претставува само привремен спас од беспарицата и тоа само за оние граѓани што поседуваат по некое парче златен накит.

За ова сведочат многуте златари што секојдневно вршат откуп на златен накит и предмети од граѓаните.

Велат, се продава буквално сè, од обетки, прстени, ѓердани, нараквици до стари златници, позлатени часовници, венчални бурми и други вредни работи.

Интересен е податокот, како што велат златарите, дека никој не купува злато – сите продаваат.

Како главна причина за оваа нова масовна појава кај македонските граѓани, златарите ја наведуваат немаштијата.

„Немаат луѓето пари, дефинитивно. Тука гледаат спас да продадат некое парче злато што им било скапоцено за да украдат некој ден и да им избегаат барем на кратко на финансиските проблеми што ги имаат. Ние сме сведоци дека со тешко срце ги продаваат предметите. Тоа им се гледа по лицата. Кај некои може да се забележат и изрази на срам и вина“, вели Зекирија Јонузи, сопственик на златарницата „Зеко“.

Тој вели дека граѓаните влегувале во дуќаните со единствено прашање

„Купувате ли злато?“ Дури ни за откупна цена не прашуваат. Битно им е само да продадат. Веднаш ги вадат ѓерданите и прстените од вратот и рацете. Пред неколку дена во дуќан ми влезе мајка со мала ќерка. Женава на самото место и ги извади на ќерка си златните обетки од ушите за да ги продаде“, раскажува Јонузи.

И денеска, додека екипата на Мкд.мк ја правеше оваа тажна, но вистинита приказна, во златарницата што штотуку отвори раноутрото, влезе човек и нервозно промрморе низ забите: Купувате ли злато?

„Ете, за ова ти зборував“, се сврте и се надоврза Јонузи.

Го запрашавме човекот што продава и го замоливме да ни каже зошто.

„Продавам златен прстен, кој порано му припаѓаше на татко ми. За пари, а за што друго би го продавал. Вреден е и за мене посебно скапоцен, но за жал тој не може да се џвака, а дома треба да јадеме“, рамнодушно одговори човекот.

Златарот го зеде прстенот, го измери на вага и му исплати на граѓанинот, кој ги грабна парите и излета низ вратата.

Десетина метри по улицата истата приказна ја чувме и во златарницата „Еко“.

„А бе никој, кога ти велам, никој не купува злато. Сите продаваат. Дури и за свадби и свршувачки кога имаа граѓаните ни носат стари златни накити од дома за да ги заменат со нови“, кратко ни рече златарот.

Златарите во Старата скопска чаршија еден грам 14 каратно злато го откупуваат за 1.300 денари или за околу 23 евра по грам. Истото го препродаваат за 2.000 денари, само како што велат, купувачи нема.

„А до пред две години само еден грам злато продававме за 600 денари, но барем продававме“, разочарано велат тие.

Поквалитетното 22-каратно злато се откупува за 2.100 денари по грам, или за околу 34 евра.

Емил Зафировски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ