Од Иницијативата велат дека се разочарани што утрово не можеа да влезат во депонијата Вардариште со образложение дека немаат соодветна дозвола.
„Го изразивме нашето разочарување што немало поголема соработка меѓу институциите за да ни се обезбеди дозвола за посета по 26 дена протест, особено што посетата се случи на покана на самиот градоначалник како претставник на институциите. Порачавме дека партиските несогласувања и пресметки не треба да бидат причина за дисфункционални институции. Институциите мора да комуницираат и да се координираат без разлика на тоа од која партија доаѓаат функционерите“, велат од Стоп за Варадариште.
Тие сведочат дека однадвор, виделе противпожарно возило и полициско присуство што обезбедува, но само од страната на јавното претпријатие Лајка, а на другиот крај, од каде што исто така може било кој да пристапува, немало распоредено единици, но имало купишта железен отпад.
„Депонијата нема ограда и видовме само една единствена рампа од страната на ЈП Лајка. Во моментот на нашето пристигнување немаше дрон кој надлетуваше, но по десетина минути забележавме едно вертикално подигање и спуштање на дрон. На посетата на Вардариште, за жал, не дојде ниту еден претставник од останатите институции, иако уредно беа поканети од страна на иницијативата. Не дојде ниту еден медиум. Штом институциите не можат да комуницираат по законски утврдените патишта, а макар и по партиска линија, иницијативата Стоп за Вардариште јавно ги повикува надлежните на останатите релевантни институции да ни се приклучат во понеделник, во 7:30 кај мостот Близнак и да ни ги презентираат конкретните мерки кои ќе бидат преземени веднаш, а не после локалните избори“, велат од иницијативата.
Освен до општина Аеродром, барањата биле доставени и до општината Гази Баба, Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјални политики, демографија и млади, претседателката на Македонија и Владата.
„На средбата ги каниме и сите сограѓани кои чувствуваат загриженост и одговорност. По непрекинатото самоорганизирање во изминативе 26 дена, спремни сме да обезбедиме простор за дискусија во која одговори како „не е наша надлежност” ќе бидат оневозможени и отфрлени како недоволни и каде што наместо тоа, сите заедно ќе инсистираме на наоѓање трајно и хумано решение за овој децениски проблем опасен по нашите животи. Ако нема одзив од ниедна друга институција освен о. Аеродром, подготвени сме да ги засилиме блокадите. Стоп за Вардариште! Стоп за дивите депонии и загадувањето на воздухот!“, велат од иницјативата.
Редовната блокада продолжува и утре во 18 часот на истата локација.






