Пресудата е изречена вчера, а според соопштението од Кривичен, Андонов е единствен од обвинетите кој е осуден на затворска казна додека на останатите шест затворски полицајци им се изречени алтеранативни мерки -условни казни затвор кои нема да се реализираат доколку тие во наредните една, односно три години не сторат ново кривично дело.
Од Судот велат дека при донесувањето на пресудата и одмерувањето на казните биле ценети сите олеснителнии отежнителни околности во однос на обвинетите.
„Обвинетиот Ф.А. (Филип Андонов – Сокол н.з.) за кривичното дело злоупотреба на службената полоѓба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 во врска со член 45 и член 22 од Кривичниот законик (КЗ), Судот го осуди на казна затвор во траење од осум месеци“, се вели во соопштението на Основен суд Скопје.
Според него, обвинетите П.А. и Е.О. се осудени на условна казна затвор од шест месеци, која нема да се ефектуира доколку во наредните две години од правосилноста на пресудата не сторат друго кривично дело.
Условна казна од осум месеци затвор му е изречена на обвинетиот Т.Н., кому освен за злоупотреба на службената положба и овластување му се судеше и за несовесно работење во службата. Тој нема да оди во затвор доколку во следните три години не стори друго кривично дело.
Обвинетите Ѓ.Р. и С.П., пак, се осудени на по три месеци условна казна, што нема да се реализираат под услов да не дојдат во судир со законот во наредната една година од правосилноста на пресудата. ,
На обвинетиот К.В. кој е осуден за несовесно работење во служба, условната казна затвор му изнесува три месеци, со тоа што во наредната една година не треба да стори друго кривично дело.
Како што додаваат од Кривичен, изречената пресуда не е правосилна и на неа странките, односно Обвинителството и обвинетите имаат право на жалба пред Апелацискиот суд Скопје.






