сабота, 20 декември 2025

Осум децении машка доминација, Скопје со само две жени градоначалнички во својата историја

Во повеќе од осум децении современа историја на Град Скопје, главниот град бил раководен од над дваесет градоначалници. Меѓу сите нив, само две биле жени. Првата жена која застанала на чело на Скопје е Вера Ацева во 1948 година, во исклучително турбулентен период по Втората светска војна, кога градот сè уште се соочувал со последиците од разурнувањата и со сложениот процес на институционално средување.

Објавено на

часот

Сподели

Нејзиниот мандат, иако краток, останува историски значаен како редок исклучок во долгата низа машки имиња што ја одбележуваат градската власт.

Втората жена градоначалничка се појавува дури повеќе од седум децении подоцна, што само по себе говори за длабочината на јазот меѓу декларативната поддршка за родова еднаквост и реалната политичка пракса. Во меѓувреме, Скопје минува низ различни фази на развој – од повоена обнова, преку индустриски раст, земјотресот од 1963 година и постземјотресната реконструкција, до транзицијата по осамостојувањето – но без суштинска промена во однос на родовата застапеност на врвот на локалната власт.

За волја на вистината, голем дел од граѓаните не останаа со чувство на носталгија по владеењето на Данела Арсовска. Како втора жена градоначалничка на Скопје, таа на стартот влеваше значајна надеж – не само поради родовиот момент, туку и поради најавите за поинаков пристап, менаџерска ефикасност и раскин со старите политички практики. Очекувањата беа високи, а симболиката силна.

Меѓутоа, текот на мандатот покажа дека надежта не секогаш е доволна за резултати. Наместо системски решенија, јавноста сведочеше на чести конфликти со институции, политичка изолација и отсуство на функционална координација. Наместо видлив напредок во клучните градски проблеми, Скопје сè почесто се соочуваше со управувачки застои, импровизации и кризен менаџмент.

Кулминацијата на ваквиот пристап се виде и во последните месеци од мандатот, кога главниот град се соочи со сериозни комунални проблеми, а симбол на институционалниот колапс станаа преполните контејнери и улиците затрупани со ѓубре. Наместо да остане запаметена како пресвртница за поголемо учество на жените во локалната власт, мандатот на Арсовска заврши неславно, оставајќи впечаток дека пропуштената шанса е подеднакво штетна и за градот и за идејата за поинакво, поодговорно управување.

Историскиот преглед покажува дека веднаш по ослободувањето на Скопје во 1944 година, градот бил управуван од Лазар Танев, кој бил и на чело на I-от Градски Народноослободителен Одбор.

Во наредните години следуваат чести промени на градоначалничката позиција – Димче Зографски, Горѓи Икономов, Душко Лукарски, Аспарух Каневче – што е карактеристично за периодот на институционално оформување. Сепак, и во тие години, присуството на жени останува исклучок, а не правило.

Во децениите што следат, од 1950-тите па сè до крајот на 1980-тите, Скопје го водат Наум Наумовски – Борче, Крсте Марковски, Благој Попов, Драгољуб Ставрев, Методи Антов, Трајко Апостолоски, Душан Поповски и Југослав Тодоровски. Овој долг период на релативна институционална стабилност повторно е целосно обележан со машко лидерство, иако станува збор за време кога формално се промовира еднаквоста како општествена вредност.

По осамостојувањето на Македонија, со воведувањето на повеќепартискиот систем и демократските избори, може да се очекува пресврт и поголема инклузивност. Наместо тоа, функцијата градоначалник на Град Скопје продолжува да ја извршуваат исклучиво мажи – Милан Талевски, Горан Николовски, Јове Кекеновски, Ристо Пенов и Трифун Костовски – сè до појавата на втората жена на оваа позиција, многу години подоцна.

Политичките партии, иако формално промовираат родова еднаквост, ретко номинираат жени за „силни“ и видливи позиции како што е градоначалник на главниот град. Дополнително, јавниот дискурс и медиумската перцепција често ги ставаат жените кандидатки под построга лупа, што дополнително ја намалува нивната шанса за успех.

Фактот дека Скопје – како најголем град, политички и економски центар на државата – имало само две жени градоначалнички, отвора пошироки прашања за реалната распределба на моќта во општеството. Овој податок станува уште поалармантен ако се земе предвид дека станува збор за период подолг од 80 години, во кој генерации жени биле активни во јавниот и професионалниот живот, но ретко добивале можност да ја предводат градската администрација.

Историјата на градоначалниците на Скопје, гледано низ оваа призма, не е само хронологија на имиња и мандати, туку јасен показател за тоа колку бавно се менуваат структурите на моќ. Прашањето што останува отворено е дали идните изборни циклуси ќе донесат суштинска промена или бројката од „само две жени“ ќе продолжи да биде правило, наместо исклучок.

Сега на чело на главниот град е Орце Ѓорѓиевски. Градоначалникот го претставува и застапува Градот Скопје, се избира на локални избори и има мандат од 4 години. За својата работа градоначалникот одговара пред граѓаните на град Скопје.

К.Д.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ