Она што го загрижува Брисел е речиси извесната појава на нова политичка партија предводена од сега веќе поранешниот претседател Румен Радев, која би можела значително да ги преобликува не само внатрешните работи на Бугарија туку и нејзината надворешна политика. Уште на последното обраќање на Радев како претседател, медиумот Евроњуз излезе со анализа за тоа како новиот политички проект во најава, медиумот само два месеца пред следните предвремени парламентарни избори во Бугарија, која е зафатена од политичка криза – ќе влијае најмногу на ставот на оваа членка на ЕУ спрема војната во Украина.
„Ставот на Радев за војната во Украина остро се разликува од оној на претходните влади. Поради оваа причина, аналитичарите и противниците честопати го нарекуваат проруски. Во својот говор во понеделникот Радев се осврна и на ова прашање наведувајќи: ‘Во име на својата политичка иднина некои политичари го ставаат во опасност мирниот живот на Бугарите во услови на опасна војна во близина на нашите граници, па дури и се борат против граѓанскиот и етничкиот мир, кој вие и јас ќе го зачуваме и покрај нивните провокации’ “, пишува Евроњуз.
Радев и македонското прашање
Очекувано, во загриженоста на Брисел за промените во надворешната политика на Бугарија со промената на политичкиот статус на Радев и евентуална победа на неговиот политички субјект ( сè уште) во најава на претстојните парламентарни избори, не се издвојува простор за грижа за бугарското блокирање на процесот на проширување на Унијата, со неевропските услови, практично уцени за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Всушност, од 2022 година ЕУ и Радев се на иста позиција во однос на процесот на проширувањето со Македонија, односно отворањето на поглавјата во преговорите. И ЕУ и Радев, истакнуваат дека Македонија презела обврска за уставни измени за додавање на бугарското малцинство во преамбулата на својот Устав за да започне ефективно отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ.
Од друга страна, и во ЕУ, а и Радев, знаат дека тој услов за Македонија е надвор од критериумите за проширување на Унијата (Копенхашките критериуми), дури и во спротивност со принципите на Унијата, но и дека ниту една друга земја-членка и актуелна кандидатка немале такви непринципиелни услови за почеток на преговори како Македонија. Тоа пак станува особено контроверзно во контекст на укинувањето на речиси сите критериуми на Унијата за забрзано проширување со Украина (која е во војна) и со Молдавија.
Имајќи превид дека токму Румен Радев како претседател беше иницијаторот на политиката на вета на Бугарија спрема Македонија за почеток на преговорите со ЕУ, што се „дестилираше“ во барање за уставни измени во предлог-преговарачката рамка за Македонија, т.н. француски предлог, логички се наметнува прашањето – како неговата нова позиција во бугарскиот политички живот би се одразила на билатералните македонско – бугарски односи. Секако, на тоа се надоврзува и прашањето за ЕУ, како би се поставила во однос на непринципиелната преговарачка рамка за Македонија, со вградениот бугарски услов на Румен Радев, имајќи го предвид прегазувањето на сите свои декларирани критериуми за пристапувањето на Украина и Молдавија во Унијата.
Ѓорчев: Ни премногу оптимистички, ни премногу песимизам со Бугарија – Македонија само да си го брани својот став
Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, цени дека македонската позиција во однос на можните промени на политичкиот статус на Радев во Бугарија – е на чисто. На чисто, во смисла дека е познат неговиот став за уставните измени – дека тоа е сега барање и услов на ЕУ што Македонија треба да го исполни, но исто така ни дава право да заземеме цврста позиција за македонските национални интереси.

„Потегот на Радев со оставката на претседателската позиција во Бугарија и најавите за формирање политички субјект со кој би ја освоил извршната власт на претстојните парламентарни извори е долго најавуван, па и очекуван проект во оваа земја. Неговиот углед многу зајакна во текот на долгогодишната криза во Бугарија, со поставување на техничките и широко коалиционите влади. Во контекст на македонско – бугарските односи, кои исто така тој во најголема мера ги креираше со ветата во ЕУ, документите за бугарската позиција за македонските евроинтеграции, меморандуми… и конечно со внесување на условот за уставни измени со бугарско малцинство во преговарачката рамка за Македонија, евентуалната промена на неговата позиција во политичкиот живот на Бугарија – не носи некои непознати нешта. Барем ќе бидеме на чисто, тој е експлицитен кога вели за уставните измени што треба да ги спроведе Македонија: ‘потпишавте – исполнувајте’! Мора да си признаеме дека грешката е наша, нашата иднина во ЕУ ја ставивме во залог на некои историски парадигми. Треба да се очекува дека ако евентуално стане премиер на Бугарија, Радев ќе притиска во ЕУ за спроведување на Договорот за добросоедство и пријателство, односно за исполнување на условите од францускиот предлог. Но, таквиот очекуван став, ни дава за право нам, како Македонија да заземеме цврста позиција – не можеме да прифатиме нешто што ја доведува во прашање нашата државност“, вели амбасадорот Ѓорчев.
Без оглед на новата можна позиција на Радев во бугарската политика, Марјан Ѓорчев смета дека Македонија треба да постави прашања на две адреси во однос на својата евроинтегративна иднина: едно до ЕУ, а другото до Бугарија.
„Потребно е експлицитно да поставиме прашање до ЕУ, дали билатералните прашања се дел од преговарачката рамка. Зашто барањето уставни измени за нереципрочно внесување на бугарско малцинство во македонскиот устав е сепак билатерално прашање. Односно да бараме гаранции дека тој билатерален спор со Бугарија нема да го попречува понатамошниот процес на преговори со ЕУ. Треба да бараме гаранции, особено што гледаме дека ЕУ ја воведува таа практика на преговори за членство со гаранции за Украина и Молдавија. Односно Копенхашките критериуми се сведуваат на еден критерум – без критериуми! И ние во Македонија бараме исти критериуми за членство во ЕУ како сите!
А со Бугарија треба да го поставиме прашањето како на билатерален план да го поправиме пријателството. Да пронајдеме допирни точки на соработка. Јасно ни е дека минатото нè разделува, и треба да го оставиме настрана – зашто во Македонија не можеме да дозволиме нешто што го нарушува нашиот државен интегритет – ревизија на државната историја или во ЕУ да постои фуснота дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.
Допирните точки кои нè поврзуваат се заедничката иднина и треба да ја создаваме преку соработка во економијата ( еве се работи на поврзување на железничката инфраструктира), во културата, во граѓанскиот сектор, во дигитализацијата на општествата.
Во секој случај, во односите со Бугарија не можеме да пристапуваме со премногу оптимизам, но не треба да сме и премногу песимисти. Само треба да си го браниме нашиот став“, порачува амбасадорот Марјан Ѓорчев.
Јасминка Павловска






