недела, 22 февруари 2026
Се појави фотографија

Осомничениот сериски убиец во Куманово снимен од безбедносна камера

Во јавноста се појави фотографија од безбедносна камера на која, според извори блиски до истрагата, е забележан осомничениот за серијата убиства што ја потресоа кумановската околина.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за снимка од надзорна камера поставена на приватен објект, на која се гледа машка фигура како се движи во близина на куќите во доцните часови. Токму вакви движења, според истражителите, биле карактеристични за периодот пред нападите врз жртвите – лица кои најчесто живееле сами и во изолирани домови. Тој се движел слободно и никој не се посомневал.

Жителите од повеќе села во регионот сведочат дека осомничениот често бил гледан како пешачи или се движи со велосипед од едно место до друго. За многумина бил „познат лик“, но никој не помислил дека може да се поврзе со тешки кривични дела.

Извори блиски до истрагата велат дека токму ваквите снимки помогнале да се состави мозаикот на движењата на осомничениот во деновите кога се случиле нападите. Се проверува дали лицето од фотографијата се појавува на повеќе локации и во близина на домовите на жртвите.

Од Обвинителството засега нема официјална потврда за деталите, но е најавено дека се врши темелна анализа на сите претходно затворени случаи со починати жени во регионот, за кои постои сомнеж дека можеби не биле природна смрт.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело убиство, информираа пред неколку дена од Јавното обвинителство. Оттаму уште неведуваат дека се испитува и можна поврзаност на осомничениот со други слични случаи.

„На точно неутврден датум во периодот од 27.01 до 12.02.2026 година, осомничениот 25-годишник во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, со умисла на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот жртвата, жена родена во 1947 година. Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои  жената починала“, велат од Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека со интензивни координирани дејствија во изминатите неколку дена на ОЈО Куманово и истражниот центар во тоа обвинителство, МВР и екипите на Институтот за судска медицина обезбедени се докази кои укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско.

„Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат. Осомничениот од моментот на неговото откривање веднаш е лишен од слобода и обезбеден, а по предлог на јавниот обвинител му е одредена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење на осомничениот од страна на тим вешти лица – форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје“, соопштија тогаш од Јавното обвинителство.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ