среда, 17 декември 2025

Осомничениот Пецов, од случајот „Синџир“ им се предал на властите, наместо во притвор оди во куќен притвор

Основниот кривичен суд Скопје по предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) му одреди мерка куќен притвор на Љупчо Пецов викан Ѓаволот кој е осомничен во „Синџир“, случај поврзан со даночни измами и даночно затајување. Претходно, на почетокот на месецов, Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на Пецов да му биде укината изречената мерка притвор.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Кривичниот суд, вчера пред судија на претходна постапка бил спроведен Пецов на кој од претходно, со решение на судот, му беше определена мерка притвор откако тој ќе биде уапсен затоа што беше во бегство.

„Со оглед дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогон и од неговата одбрана е доставена медицинска документација според која истиот има влошена здравствена состојба, а воедно надлежниот јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред судот, наместо мерка притвор, предложи на обвинетиот да му се определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24 часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката. Со оглед на сето тоа, судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на обвинетиот му определи мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно одземени му се и двете патни исправи. Против решението на судијата дозволено е право на жалба пред кривичниот совет“, информираа од Кривичниот суд.

Според законот, судот и да сака неможе да определи посилна мерка, односно притвор, од таа што е предложена на записник од јавното обвинителство, а тоа во случајов е куќен притвор.

Од ОЈО ГОКК пак, информираа дека адвокатите на Пецов до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставиле предлог за изменување на определената мерка притвор во поблага мерка приложувајќи докази дека на Пецов му е нарушената здравствена состојба и тој веќе бил на лекување во болница, а му било препорачао и понатамошно лекување.

„ОЈО ГОКК ценејќи ги истакнатите околности, како и околностите што укажуваат на сериозни влијанија врз постапката и влијанија врз лицето, фактот дека лицето доброволно се пријавило и ги предало двете патни исправи што ги поседува и индициите што укажуваат дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, јавниот обвинител на закажаното рочиште пред судијата на претходна постапка го измени предлогот и предложи да му биде определена мерка куќен притвор со 24 часовен надзор, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката“, информираа од ОЈО ГОКК.

Претходно, на почетокот на месецов, Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на Пецов да му биде укината изречената мерка притвор.

Како што информираа од Апелацискиот суд, кривичниот совет едногласно одлучил да ја одбие жалбата на осомничениот Љупчо Пецов од Неготино и го потврдил решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е одбиен предлогот за укинување мерка притвор и определување мерка–гаранција.

„Со тоа, во сила останува мерката притвор определена по сите основи од член 165 став 1 точки 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка, сметано од денот на пронаоѓањето и лишувањето од слобода на осомничениот. Понудената гаранција во услови кога мерката притвор е определена и опстојува и по основот од точка 2 од член 165 став 1, дека постои основан страв дека ќе ги сокрие фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците вештаците соучесниците или прикривачите, не е дозволена и како таква законски не била предмет на разгледување и одлучување од страна на советот на овој суд“, се наведува во соопштението од Судот.

Случајот „Синџир“ се однесува на организиран криминал за даночно затајување и оштетување на државниот Буџет за осум милиони евра. Во него беа обвинети 41 физичко и правно лице. Дел од нив склучија спогодба со Обвинителството и беа осудени и на затворски и на парични казни.

Љупчо Пецов, познат под прекарот Ѓаволот, е обвинет како еден од организаторите на шемата на даночно затајување, но за него постапката беше прекината бидејќи беше во бегство.

Случајот „Синџир“ стана повторно актуелен откако минатата недела, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага во која е приведен поранешниот државен правобранителот Фехми Стафа осомничен за примање поткуп од 50.000 евра.

Како што информираа и ОЈО ГОКК и МВР, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50 000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелацискиот суд Скопје и со поткуп на судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. 

Иако неофицијалните информации говорат дека станува збор токму за Пецов, сепак ниту од ОЈО ГОКК ниту од МВР не го потврдуваат идентитетот на Стафа кој веќе е во притвор, а на кого требало да му биде даден потпкупот.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ