Од судот наведуваат дека подолг период судиите се соочуваат со, како што велат, „неосновани, неаргументирани и законски неосновани напади“ од дел од јавноста, без разлика дали станува збор за новинари, граѓани или политички субјекти. Судот потенцира дека ваквите напади можат да наштетат на странките во постапките и да создадат искривена слика во јавноста.
Судот истакнува дека ширењето непроверени, невистинити или нецелосни информации ја поткопува довербата во судството и го нарушува интегритетот на судиите и вработените, кои, како што се наведува, вложуваат „натчовечки напори“ за навремена и квалитетна работа во услови на недостиг од кадар.
„Сите предмети во Основниот суд Битола се постапуваат професионално, одговорно и чесно“, се додава во реакцијата.
Од Судот ги демантираат тврдењата што во последниот период се појавуваат во јавноста и кои ги оценуваат како „невистинити и пласирани од сомнителни извори“.
Во однос на граѓаните, судот упатува апел информациите што циркулираат во јавноста да се примаат со внимателност и проверка, бидејќи, како што велат, ширењето непотврдени тврдења доведува до дополнително нарушување на довербата во институцијата што треба да ги штити нивните човекови права.
МКД.мк на 23 јануари (петок) утрото испрати барање за пристап до информации од јавен карактер со кое побара увид во одлуката на Основниот суд Битола за прифаќање на гаранцијата на бизнисменот Борче Марковски. Истиот ден попладнето добивме кус одговор.
„Во врска со Вашето барање Ве известуваме дека Основен суд Битола на својата веб страница објави официјално известување“, пишува во одговорот на Основниот суд Битола.
Проверката на ваквиот одговор пак, покажа дека одлуката е објавена на 23 јануари (петок), истиот ден кога МКД.мк го испрати барањето за увид во одлуката за прфаќање на гаранцијата на Марковски да се брани од слобода, како и поставените прашања поврзани со истата одлука. Согласно Законот за кривична постапка, во соопштението не се споменати имиња на обвинетите во случајот, ниту пак името на „Марковски компани“, обвинетата фирма во сопственост бизнисменот Марковски. Сепак според податоците може да се заклучи дека сооопштението објавено на 23 јануари се однесува токму на таа одлука на Основниот суд Битола. Осврнувајќи се хронолошки на случувањата што претходеле на одлуката, во соопштението се наведува дека кривичниот совет пред да го донесе решението списите на предметот ги упатил во Апелацискиот суд Битола, да одлучува по однос на изјавената жалба. Сепак, Апелацискиот суд го вратил предметот со констатација дека кривичниот совет на Основниот суд Битола има функционална надлежност за одлучување по однос на изјавената жалба.
„Во интерес на јавното мислење напоменуваме дека со обвинението осомниченото физичко лице се терети дека незаконито заради незавршени работи, на осомниченото правно лице му била исплатена имотна корист во вкупен износ од 106.200.000,00 денари, од кои 90.000.000 денари, претставуваат надомест за вршење на договорни услуги, а 16.200.000 денари, претставуваат износ на ДДВ по стапка од 18 отсто. Со привремените мерки замрзнати му се парични средства од 4.073.643,00 денари и 572,97 евра, како и финансиските средства кои се наоѓат на сметките на осомниченото правно лице во износ од 2.813.636 денари. Гаранцијата е определена на износ од 303.879.265,00 денари или 4.937.317 евра, што значи дека гаранцијата е скоро три пати повисока од евентуалната имотна корист, а и му се замрзнати финасиски средства. Крајно од страна на Основнот јавно обвинителство Битола дадено е позитивно мислење за прифаќање на гаранцијата во износ од 169.286 евра – во недвижен имот, за едниот осомничен. Друго е прашањето и зошто од девет обвинети, во текот на истражната постапка само за двајца е предложена мерка притвор од страна на Основното јавно обвинителство Битола“, се наведува во соопштението на Основиниот суд Битола.
Освен увид во одулката МКД.мк побара одговори на прашањата кога е донесена одлуката за прифаќање на гаранцијата за замена на мерката притвор со мерки на претпазливост за бизнисменот Борче Марковски, кои судии го сочинуваа советот што ја донел одлуката и кои се причините поради кои ОЈО Битола се жалело на одлуката на Основниот суд Битола за прифаќање на гаранцијата на обвинетиот Борче Марковски.
„Во однос на Вашите прашања Ве известувам дека со одлука од страна на Кривичниот совет на овој суд КС-91/25 од 16.01.2026 година е определена гаранција како мерка за обезбедување на присуство на oсомничениот поради постоење на околности кои укажуваат на опасност од бегство, во износ од 303.879.265,00 денари или 4.937.317,00 евра, која се состои во: ставање на хипотека врз недвижниот имот во сопственост на осомничениот Борче Марковски, како и воспоставување на заложно право врз подвижни предмети -механизација и транспортни средства сопственост на правното лице Марковски Компани ДООЕЛ Борче. Со истата одлука е донесено решение со кое е укинат притворот за осомниченото лице а согласно со чл. 173 став 1 точка 3 од Законот за кривична постапка, каде е предвидено дека притворот се укинува со решение и обвинетиот ќе се пушти на слобода кога истата цел за која е определен притворот може да се постигне со некоја друга мерка. Советот кој ја донесе одлуката е во состав од судијата Татјана Митревска како претседател на кривичниот совет и судиите М-р Татјана Петровска и Петар Чаловски како членови на советот. ОЈО Битола не се жалеше на одлуката на Основниот суд за прифаќање на гаранцијата, а имаше дадено негативно мислење во однос на предлогот за прифаќање на гаранцијата“, пишува во одговорите на Основниот суд Битола потпишани од претседателката на кривичен совет, судија, Татјана Митревска.
Со одлука на Основниот суд Битола, сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски, обвинет за злоупотреба на јавни набавки за ископ на јаглен во РЕК Битола, ќе се брани од слобода, но ќе има обврска еднаш неделно да се јавува во судот, а привремено му е одземен и пасошот.
По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Битола на 2 јануари годинава поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во енергетскиот комбинат РЕК Битола. Меѓу обвинетите е и бизнисменот Борче Марковски сопственик на обвинетата фирма „Марковски компани“.
Според обвинението, во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, како службени лица – директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, вршеле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Тие заедно не ја извршиле својата службена должност за законито и совесно постапување и ги повредиле начелата на економичност, ефикасност, ефективност, сразмерност и конкурентност предвидени во Законот за јавни набавки.
Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот “Осломеј” во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК. (Поради неправилната форма на површинскиот коп и поради малиот век на експлоатација, околу 14 години, во рудникот Живојно не е предвидена примена на методата за откопување со континуирана технологија – роторни багери и транспортни ленти, какви што биле дислоцираните погонски станици од Осломеј).
Обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи само едно правно лице, „Марковски компани“.
„Со тоа ѝ овозможиле на обвинетата компанија да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 90.000.000 денари без ДДВ (106.200.000 денари со вклучен ДДВ). Првообвинетиот сопственик на фирмата, двајца вработени и правното лице се товарат за кривично дело злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинитата документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери. Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело измама во службата“, информираа тогаш од Јавното обвинителство.
Искра Опетческа
.






