Слоганот на маршот „Нема да нè снема“, според организаторите, ја изразува непоколебливата и нужна борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност, не ги штитат од насилници, ги забораваат, ги оставаат на маргините и се обидуваат да ги избришат. Со транспаренти „Од Скопје до борба без граници“, „Правда за Росица“, „Правда за Ивана“, „Повеќе ќе те сакам ако си со мене на марш“, „Ниту една повеќе“ и „Здраво, колку букети ви е животот“, учесниците испратија порака за унапредување на правата на жените и поголема општествена еднаквост.
Учесниците нагласија дека празничните честитки и симболичните гестови не се доволни доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и дискриминацијата. Тие побараа и оставки во Владата.

Една од говорничките, Калиа Димитрова, јавно ги прозва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски. Таа порача дека е недозволиво премиерот да не ги познава законите на државата што ја води.
„Како не ви е срам да се појавите на говорница по рекорден број убиства на жени, на кои им претходело пријавувано насилство, по кое не се постапувало соодветно, и да ни порачате да пријавуваме и да не ги повлекуваме пријавите? Премиере, како не ви е срам да не ги знаете законите на земјата што ја водите? Институциите имаат службена должност да постапуваат и да ги заштитат жените жртви на насилство, особено оние што живеат во висок ризик. Министре Тошковски, Росица директно ве контактираше, очајно барајќи заштита додека животот ѝ висел на конец. Како не ви е срам да продолжите со вашите денови, говори и функции, а да не изразите сочувство?“, рече Димитрова.

Од протестот беше порачано и дека барањата на женските организации остануваат исти со години.
„Денеска немаме што ново да побараме. Нашите барања се исти со години. Гласно и јасно порачуваме дека нема да се помириме додека системот не почне да се менува од корен и додека не се признае дека се создадени услови за епидемија на насилство врз жените. Правдата ќе ја бараме на улица, гласно и здружено. Нема да дозволиме да нè избришете и покорите.“
Фото: Роберт Атанасовски






