недела, 22 март 2026

Осмомартовски марш на Хелсиншки комитет од Универзална сала – инструментализирање на трагедијата на Фросина Кулакова?

Хелсиншкиот комитет на својот Фејсбук-профил, повикува на осмомартовски марш, в сабота, на 8 март, со почеток во 13 часот, пред Универзална сала, каде што имаат намера прво да оддадат „почит на жртвите на овој систем“. Според организаторите на маршот за Денот на жената, тие на „овој 8 Март прогласуваат ЖЕНСКИ БОЈКОТ – за слобода и автономија од силеџискиот систем“ и повикуваат на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија. Се планира маршот традиционално да завршиме во паркот Жена-борец, со обраќање до јавноста и институциите, но и пред тргнување, кај Универзална сала ќе има пригодно обраќање, односно изразување „почит за жртвите“.

Објавено на

часот

Сподели

Индикативно во овој повик е што местото на тргнување на осмомартовскиот марш е во непосредна близина на точката на булеварот „Партизански одреди“ каде што пред четириесетина дена загина младата Фросина Кулакова, во трагична сообраќајна несреќа, која го вознемири целото македонско општество. Овој повик на Хелсиншкиот комитет со индикативна локација на започнување на маршот, предизвика вознемиреност во семејството на Фросина, кои упатија порака да не се инструментализра смртта на нивната ќерка и сестра.

„Во време кога треба да се подготвуваме за 40-дневниот помен на нашата Фросина, ние сме принудени да се занимаваме со туѓи агенди. Наместо да ни се овозможи достоинствено да тагуваме, повторно сме сведоци на бездушна манипулација со нејзината погибија.

Зошто овој марш започнува токму од местото каде што нашата Фросина го загуби животот?

Таа не е жртва на родово насилство, туку на хулиганството што со години се негува во Македонија преку неказнивоста и неспроведувањето на законите. Оваа наша борба не е за родова еднаквост, туку за правдата која им беше ускратена на безброј жртви на сообраќајното насилство.

Каде беше Хелсиншкиот комитет да даде изјава за сите други жртви на сообраќајното насилство? Каде беше кога судиите носеа срамни пресуди за убијците во сообраќајот? Каде беше кога Судскиот совет не постапи соодветно во случајот со ‘тета’ Даниела Алексовска Стојановска, дозволувајќи ѝ да продолжи со носење срамни пресуди?

Како семејство, сметаме дека е крајно недолично да се маршира со тенџериња и дрвени лажици од местото каде што свирепо беше прегазена Фросина. Овој чин не е почит, туку навреда – кон неа, кон нас, и кон сите жртви на беззаконието. Наместо искрена борба за правда, гледаме само инструментализација на нашата трагедијата.

Затоа, јавно бараме од организаторите на маршот да го променат почетното место и да покажат минимална почит кон нашата болка. Ова не е место за перформанс, туку место на трагедија кое треба да остане ослободено од политички и активистички агенди. Доколку маршот има искрена намера за правда, нека започне на друго место.

Длабоко сме разочарани од несовесноста и целосната непочит – и кон жртвите, и кон нас како семејство. За овој настан дознавме преку социјалните мрежи, па затоа и овде јавно кажуваме: нема да бидеме дел од овој марш и не го поддржуваме.

Почитувајте ја Фросина. Почитувајте ја болката на нашето семејство. Не ја користете нејзината смрт како инструмент за туѓи агенди“, порачуваат од семејството на Фросина Кулакова во обраќање преку социјалните мрежи.

Во повикот на Хелсиншкиот комитет за утрешниот осмомартовски марш се охрабруваат учесниците да земат со себе реквизити со кои ќе бидат погласни: свирчиња, тенџериња, дрвени лажици и транспаренти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ