среда, 4 март 2026

Осмомартовски марш: „Доста трпиме, да им ставиме крај на малтретирањето и убивањето“

По повод 8 март – Меѓународниот ден на жената ќе се одржи традиционалниот марш за женски права што ќе започне во 12 часот во паркот „Жена борец“. Маршот ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, во знак на протест и отпор кон фактичкото и фигуративното бришење на жените во нашето општество. Маршот го организира „Кој е следен“.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Во објавата на социјалните мрежи со која ги повикуваат граѓаните да се придружат на маршот, кој ќе започне во 12 часот на 8 Март во Жена парк, се истакнува:

„Оваа полиција не е наша полиција.

Оваа држава не е наша држава.

Време е заедно да осмислиме поинакво општество.

МВР поднело кривична пријава ’по брза постапка’. Каква е таа брза постапка откако биле одземени животи? Откако жената и нејзините соседи веќе десетици пати пријавувале? Каква е таа заштита што доаѓа отпосле?

Нашиот глас никогаш не се слуша. Пријавуваш во полиција, ништо не се презема. Доаѓаме до крајности и се крева револт… и пак ништо. Сериски убијци и тепачи на деца и жени си шетаат како шерифи и никој ништо не им може, заштитени од институциите што ги плаќаме со наши пари.

А каде ни е силата на нас како народ?

Самите се омаловажуваме дека не можеме ништо да смениме. На рака се бројат тие во фотелјите, од нив ли се плашиме?

Тие не се ништо без нас!

Ние ги храниме нив.

Од нас ја добиваат силата.

Да го пресечеме тоа, ќе изгладнат, тие ќе нè молат нас за ’храна’.

Доста трпиме, да му ставиме крај на малтретирањето и убивањето на народот, а особено на жените. Да излеземе СИТЕ заедно на маршот за 8 Март, рамо до рамо со нашите сестри, мајки, ќерки, девојки, другарки, со жените што ги познаваме и што не ги познаваме. Заедно да се избориме за праведен, хуман и грижлив свет и да го срушиме овој систем на алчност и насилство.

Системот мора да е следен. Се гледаме на 8 Март во 12 часот во паркот Жена борец.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ