Во визијата што ја претстави, тој подвлече дека секој нов дуќан со историски и културен карактер ќе добие финансиска поддршка. Мајсторите и чираците кои го продолжуваат занаетот ќе бидат стипендирани. Производите што ќе се создаваат таму ќе го носат печатот „Made in Çarshi – направено во Чаршијата на Скопје“.
„Сакам производот од Чаршијата, кога ќе се појави во Швајцарија или било каде во светот, да го носи печатот ‘Направено во Чаршијата’. Тоа е печат на автентичност, на историја и на иднина“, нагласи Османи.
Тој јасно порача дека во Чаршијата нема место за брза храна и комерцијални содржини кои го нарушуваат духот на просторот. Таму ќе има само традиционална храна, стари занаети и чисти улици кои ќе го вратат изгубениот сјај.
„Нашата Чаршија е нашата гордост. Таа треба повторно да блесне и да стане мотор на културниот развој. Тоа е темелот врз кој ќе ја изградиме иднината на Чаир и на Скопје“, порача Османи.
Со оваа визија, Османи ја потврдува својата решителност старата скопска Чаршија да ја постави во центарот на културниот и економскиот живот на градот, соопшти изборниот штаб на Османи.






