вторник, 10 март 2026

Оштетени цевки, нефункционални пумпи, долгови, спорни исплати, ДЗР откри еден куп неправилности во „Колекторски систем“ Скопје

Работењето на Јавното претпријатие (ЈП) „Колекторски систем – Скопје“ е оптоварено со сериозни финансиски и управувачки пропусти, покажува конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2024 година. Ревизорите констатирале дека финансиските извештаи на претпријатието не ја прикажуваат вистинската и објективна финансиска состојба, а нашле и слабости во системот на управување. Дополнително, ревизијата утврдила дека исплатите на обврските на ЈП не се целосно усогласени со законите и воспоставената пракса.

Објавено на

часот

Сподели

Наодите од ревизорскиот извештај покажуваат дека ЈП „Колекторски систем – Скопје“ се соочува со комплексни проблеми – од финансиски пропусти и слаб систем на контрола, до инфраструктура која е стара речиси четири децении. Доколку не се преземат сериозни мерки за подобрување на управувањето и модернизација на системот, предупредуваат ревизорите, овие слабости може да имаат долгорочни последици врз функционирањето на системот и врз јавните финансии.

Спорен адвокатски договор тежок илјадници евра

Јавното претпријатие „Колекторски систем – Скопје“ имало склучено десетгодишен договор (2020-2030 година) за адвокатски и консултантски услуги, но државната ревизија утврдила дека претпријатието ги плаќало адвокатите без да има докази за извршените услуги. Анализата покажала дека во периодот 2020-2024 година на име на адвокатски услуги биле исплатени близу 50.000 евра.

„Фактурите се одобрени и исплатени без приложени месечни спецификации, односно документација за преземените дејствија со кои би се потврдиле извршените услуги во одредениот период. Необезбедената спецификација не е во согласност со договорот, како и со Законот за адвокатурата, кој пропишува дека адвокатот има право на награда и надомест само за вистински извршена работа и согласно адвокатската тарифа. Овој начин на постапување не дава уверување за извршените услуги и влијае на оправданоста на направените трошоци“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите уште утврдиле дека договорот е финансиски штетен по самото јавното претпријатие.

„Во случај на еднострано раскинување на договорот Јавното претпријатие е обврзано да почитува отказен рок од 90 дена, да изврши исплата на еднократен надомест од 1.440 илјади денари зголемен за ДДВ и да го исплаќа месечниот паушал и трошоците во текот на отказниот период. Склучените договорни услови не ги почитуваат принципите на економичност и ефикасност. Непочитување на законската обврска за пресметка и исплата на адвокатски услуги согласно Тарифата за награда и надомест, како и извршените исплати без соодветна документација за обемот и видот на извршените услуги, влијае на оправданоста на направените трошоци и на ненаменско трошење на јавни средства“, велат резвизорите.

Затоа тие препорачуваат исплатите за адвокатски услуги да се вршат строго согласно адвокатската тарифа, со секоја фактура да се доставуваат месечни спецификации и извештаи за извршени услуги, да се преиспита постојниот договор, особено неговото времетраење и казнените одредби и да се утврди одговорност за органите и лицата кои го склучиле договорот.

„Средствата се одобруваат од директорот врз основа на аналитичка проценка на работните места, но нема соодветна документација за начинот и критериумите за утврдување на висината на додатоците. Освен за посебниот додаток, за кој директорот одлучува по предлог на непосредниот раководител, за останатите додатоци не постојат одлуки ниту придружна документација. Вредноста на бодот за пресметка на платите е утврдена со Одлука од 2023 година која важи само за давателите на услуги и помошно- техничкиот персонал. Ова не е во согласност со Законот за административни службеници. Неутврдувањето на вредноста на бодот за административни службеници согласно важечката регулатива резултира со правна неусогласеност, нееднаков третман на службениците и ризик од неправилна и незаконска исплата на плати“, пишува меѓу другото во извештајот на ДЗР.

Оттаму потенцираат дека по доставување на нацрт-извештајот, Јавното претпријатие донело измени во кои биле вметнати забелешките на ДЗР.

Оштетена инфраструктура без катастарска евиденција

Покрај финансиските прашања, ревизијата укажува и на сериозни инфраструктурни проблеми. ДЗР констатирал дека колекторската мрежа стара честири децении покажува значителни оштетувања.

Ревизорите констатирале испукани и дупнати цевки, отворени и затнати шахти, оштетувања на опремата во пумпните станици, запушени делови од системот со корења од растенија. Со извештајот, откриени се и сериозни технички проблеми во пумпните станици. Во 9 од вкупно 14 пумпни станици се евидентирани оштетувања на клучни делови од опремата, меѓу кои редуктори, лежишта, бетонски фундаменти, системи за нивелација и делови од СКАДА системот за мониторинг. Дополнителен проблем претставува и тоа што дел од инфраструктурата на колекторскиот систем сè уште не е запишана во Катастарот на недвижности.

Затоа од ДЗР на ЈП „Колекторски систем – Скопје“ му препорачуваат воспоставување јасни процедури за финансиско работење, подобрување на системот на внатрешни контроли, назначување одговорни лица за финансиски обврски и плаќања и подобра контрола на фактурите и финансиската документација.

Претпријатие кое никој не го контролира

Исто така еден од клучните проблеми што ги детектира ревизијата е недоволно развиениот систем на внатрешни контроли. Според ревизорскиот извештај, во претпријатието не се донесени јасни процедури за економското работење, а воедно недостига и соодветен кадар на клучните позиции.

„Не се донесени пишани процедури за материјално и финансиско работење, не е воспоставена контрола при реализација на договори за набавка на стоки и услуги. Фактурите не се одобруваат од страна на надлежни лица, не се применуваат екс-анте и екс-пост контроли, директорот нема назначено овластени лица за преземање финансиски обврски и лица за плаќање, согласно законските одредби, а работите од надлежност на Секторот за финансиски работи, без назначен одговорен сметководител ги извршуваат вработени од други сектори и одделенија по овластување. Недоволно преземени активности за воспоставување и функционирање на системот на внатрешни контроли во процесот на набавки и плаќања, го зголемува ризикот од неосновани плаќања, недоволна сигурност во точноста и интегритетот на финансиските информации, неможност за воспоставување на ефективен надзор и управување со јавните средства“, констатирале ревизорите.

Од овие причини, ДЗР како краен заклучок на „Колекторски систем – Скопје“ му препорачува да донесе сеопфатни процедури и правила за материјално и финансиско работење, со јасно дефинирани чекори, надлежности и одговорности во процесот на набавки и плаќања, да обезбеди контрола и одобрување на фактури и друга финансиска документација, да назначи одговорен сметководител и да воспостави систем за екс-анте и екс-пост контрола на финансиските трансакции.

И.О.

 

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ