„Денес сме тука да најавиме проект кој долго време беше еден од најголемите приоритети и барања на жителите на нашата општина. Со години, граѓаните на Кисела Вода се соочуваа со недостиг од ваква установа во својата непосредна близина и за секој лекарски преглед мораа да патуваат до други делови на градот. Тој период завршува, започнуваме со реализација на новата поликлиника во Расадник“, истакна Ѓорѓиевски.
Според него, за првпат по три децении оваа тема не останува само празно ветување. Општината веќе обезбеди градежна парцела и целосно изработен основен проект. Новата зграда ќе се простира на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат. Објектот ќе биде лоциран спроти кафулињата, зад постојниот паркинг во Расадник — на централна и достапна локација за сите жители.
„Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло,“ појасни Ѓорѓиевски.
Тој изрази и голема благодарност до Владата и премиерот Христијан Мицкоски, преку кои ќе се финансира оваа капитална инвестиција со средства од унгарскиот кредит.
„Оваа соработка покажува дека споделуваме заеднички вредности и цели — создавање подобри услови за живот на граѓаните. Благодарение на поддршката од Владата, во Кисела Вода во моментов над дваесет капитални проекти или се реализираат, или започнуваат со реализација во следниот период“, нагласи Ѓорѓиевски.
Изградбата на поликлиниката, според него, ќе значи значително унапредување на здравствената заштита и подобрување на квалитетот на животот.
„Жителите на Кисела Вода ќе имаат брз и лесен пристап до лекари и специјалистички услуги, без потреба да патуваат во други делови на градот, а истовремено ќе се растовари притисокот врз постојните здравствени установи во Скопје. Ова е уште еден доказ дека кога работиме посветено и со јасна визија, ветувањата стануваат реалност. Чекориме напред, со проекти што носат подобар живот за сите граѓани“, порача Ѓорѓиевски.






