сабота, 13 декември 2025
Интервју

Орце Ѓорѓиевски: Мојата програма за Скопје е издржана и реална

Нема изговори и оправдувања за градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Таа го предизвика ова, но мора да знае дека таквата одлука е безумие што ќе има последици. Зад ваков чин стои одговорност, затоа што со него се загрози здравјето на целиот град. Никој нема право да ја жртвува безбедноста на граѓаните за свои лични или омазднички цели, вели во интервјуто за МКД.мк Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, кој по првиот круг од локалните избори освои три пати повеќе гласови од неговиот противкандидат Амар Мециновиќ од Левица.

Објавено на

часот

Сподели

Имате три пати поголема програма од противникот со кој ќе се тркате во вториот круг на локалните избори, речиси 150 страници. Сметате ли дека таа програма ќе може да се реализира за период од четири години доколку ја добиете поддршката на граѓаните и дека Град Скопје ќе има пари за сите овие проекти?

– Јас веќе покажав дека знам како се реализира програма. Во Кисела Вода, наспроти сите наследени долгови и предизвици, остварив речиси сѐ што им ветив на моите сограѓани, дури и дополнителни проекти што тие ги предложија во текот на мандатот. Тој континуитет на работа, ефикасност и партнерство со граѓаните ќе го пренесам и во Град Скопје. Кога ветувам, јас реализирам и не би ја нудел оваа програма кога не би верувал дека е остварлива и кога не би знаел како тоа да го направам.

Таа е резултат на сериозна, професионална и детална подготовка во рамките на надлежностите што ги има Град Скопје, согласно со Законот за локалната самоуправа, Законот за Градот Скопје и сите други релевантни прописи. Во нејзината изработка беа вклучени професори од Архитектонскиот, Градежниот, Економскиот и Машинскиот факултет, од Балканскиот и Европскиот универзитет, Американ колеџ и други институции, како и експерти од областа на јавниот транспорт, земјишната политика, комуналните услуги, дигитализацијата, заштитата на животната средина, јавниот сектор, ЕУ-интеграциите, здравството и социјалната заштита. Соработувавме и со невладини организации и здруженија на граѓани.

Програмата содржи 346 конкретни проекти, поделени по области и категории, сите со јасни рокови и параметри што овозможуваат нивна реализација во четиригодишен мандат. Граѓаните можат интерактивно да ја запознаат на платформата orce.mk, преку чат-бот што им овозможува да дознаат детали за секој проект поединечно. Според експертските пресметки, реализацијата на целата програма изнесува 180 до 220 милиони евра. Тоа е износ што Градот може да го обезбеди доколку се стави ред во финансиското управување. Анализите на УСАИД, УНДП и други меѓународни институции покажуваат дека Скопје годишно губи 40 до 50 милиони евра поради ненаплатени приходи од данок на имот и комунални такси, што е последица на нерегуларности, непочитување на законските обврски и корупција. Со воведување ред, дигитална наплата и транспарентно работење, тие средства ќе се насочат кон конкретни проекти за граѓаните. Значи, не само што оваа програма е издржана и реална, туку таа е и план за финансиска дисциплина, за нов систем што создава вредност и ја враќа довербата. Тоа е модел што веќе го докажав и што ќе го применам во Град Скопје.

Скопје е полно ѓубре и никогаш не било толку валкано како сега. Дали се точни тезите дека ова е смислено сценарио од ВМРО-ДПМНЕ намерно да не се чисти ѓубрето, за да може, ако ги добиете изборите, да бидете херојот што ќе го исчисти градот, и зошто толку долго се чекаше да се натрупа смет и да излезат стаорци за да се почне со чистење од општините?

– Зарем е херојство да се исчисти градот? Да се испразнат контејнерите? Ниту еден нормален и свесен човек не би си дозволил да го загрози здравјето на сопствениот народ, да го претвори Скопје во депонија само заради политичка пресметка. Но тука мора да зборуваме и за ингеренции. Законот е јасен. Управувањето со отпад е надлежност на Градот Скопје, преку ЈП „Комунална хигиена“. Тоа претпријатие располага со луѓе, механизација и буџет, зема пари од граѓаните секој месец и е должно да го чисти градот. Наместо тоа, видовме целосен колапс, престанаа да ги празнат контејнерите, улиците се преполнија со отпад, а Скопје стана симбол на срамот. Нема изговори и оправдувања за градоначалничката Арсовска. Таа го предизвика ова, но мора да знае дека таквата одлука е безумие што ќе има последици. Зад ваков чин стои одговорност, затоа што со него се загрози здравјето на целиот град. Никој нема право да ја жртвува безбедноста на граѓаните за свои лични или омазднички цели. Здравјето на луѓето не смее да биде предмет на суета и политичка игра.

Ние, како градоначалници на скопските општини, откако ги исцрпевме сите правни и законски начини да ја натераме градоначалничката Арсовска да го ослободи од заложништво претпријатието „Комунална хигиена“, бевме приморани да реагираме со вистинска мобилизација на средства и ресурси, да излеземе на терен со сè што имаме: сопствени ресурси, вработени, механизација, па дури и поддршка од други градови и компании. Тоа се случи затоа што „Комунална хигиена“ веќе подолго време работеше на минимум капацитет, а сега и како воопшто да ја нема. И Владата утврди дека состојбата е критична, па Министерството за внатрешни работи и државните инспекторати веќе спроведуваат вонреден надзор во Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“, поради ризиците што се создадоа за здравјето на луѓето. Одговорност ќе мора да има!

Како иден градоначалник, во мојата програма имам четиригодишен план за отпад и план за депонијата Дрисла. Ова значи дека ќе воспоставам нов, европски систем за управување со отпад, која ќе започне со итна акција за расчистување на дивите депонии, а потоа ќе донесе и дигитално следење на собирањето, селекција и рециклирање на отпадот, како и модерни зелени пунктови во секоја општина. „Дрисла“ ќе ја претвориме во Центар за третман и создавање енергија од отпад, со што конечно ќе му ставиме крај на загадувањето. Јас сум човек што има совест и свест и знам дека градот не е политичко бојно поле, туку дом на сите нас. Овој срам и оваа слика никогаш повеќе нема да се повторат. Скопје повторно ќе биде чисто, организирано и достоинствено и ќе воспоставиме систем во кој редот ќе биде правило, а не исклучок.

Скопје губи дури 64 отсто од водата за пиење. Нема целосен систем на атмосферска и фекална канализација. Може ли Скопје да се издигне на нивото на кое заслужува да биде?

– Да, за жал, според извештајот на Државниот завод за ревизија, Скопје губи дури 64% од водата за пиење. Тоа е слика на неорганизиран систем што не ја штити највредната природна состојка, водата. Мојата програма детално разработува целосна модернизација на водоснабдувањето и канализациската мрежа. Станува збор за конкретни мерки што ќе обезбедат стабилно водоснабдување во сите населби, и во високите и во ниските зони. Во исто време, ќе се намали процентот на загуби преку системски пристап и модерни технологии – паметни водомери, дигитален надзор и навремено откривање на протекувањата. Скопјани ќе имаат сигурност дека водата што ја пијат е чиста и безбедна, а градот ќе добие инфраструктура достојна за европска метропола.

Паралелно со водоснабдувањето, ќе се инвестира и во модернизација на фекалната и атмосферската канализација. Денес Скопје има само 30% покриеност со атмосферска мрежа, што го прави ранлив при обилни дождови и поплави. Ќе реализираме сеопфатен план за изградба на атмосферска мрежа во сите урбани и приградски зони. Овој проект ќе биде мегаинвестиција што ќе овозможи системско управување со дождовните води, заштита од поплави, подобрување на урбаната хигиена и зголемена отпорност на климатските промени.

Паралелно, ќе започнеме и со проектирање на нов, современ фекален канализациски систем што ќе одговара на потребите на Скопје за следните 20 години. Тоа ќе биде инфраструктура што не само што ги решава сегашните проблеми, туку создава одржлив систем што ги штити здравјето, животната средина и го подобрува квалитетот на живеење.

Ве обвинуваат дека дел од пазарчето во Драчево е дивоградба, и дека требало, а не сте срушиле еден дел. За ова има и кривична пријава против Вас. Каков е Вашиот одговор на овие обвинувања?

– Обвинувањата против мене се лажни и со јасна политичка заднина. Ги гледам како евтин обид за моја дискредитација и за манипулација на граѓаните. Лагите не можат да го побијат фактот дека јас сум првиот и единствен градоначалник на Кисела Вода што рушеше дивоградби, доследно применувајќи го законот без исклучоци. Така беше и во овој случај и за тоа имаме и видеодокументација. Сите одлуки што ги носев и ќе ги носам се во согласност со законот, а не резултат на лични или политички интереси. Законот мора да се почитува за сите подеднакво и токму овој принцип е она што ме разликува од сите други.

И, наспроти лагите што се пласираат поради стравот од очигледната победа на изборите, граѓаните ми ја даваат довербата. Тие ја знаат и ја ценат мојата досегашна работа, ја препознаа визијата за новото Скопје што ја нудам во програмата и покажаа дека нема да дозволат да бидат излажани со клевети и невистини.

Како ќе се реши јавниот превоз, кој е многу голем и долгогодишен проблем, и, доколку победите, за колку време ќе може граѓаните да очекуваат дека ќе може да ги остават автомобилите и да почнат да му веруваат на јавниот превоз?

– Јавниот превоз во Скопје долго време е во сериозна криза. Граѓаните секојдневно се соочуваат со расипани автобуси, нередовен возен ред и систем што не обезбедува сигурен и достапен превоз. Мојот прв чекор ќе биде целосна анализа на работењето на ЈСП од страна на експерти, по која ќе следуваат конкретни реформи: рационализација на трошоците, модернизација на возниот парк со еколошки автобуси и, во координација со Владата и Министерството за транспорт и врски, воведување нови видови превоз, како градски воз и детална проверка за можноста на БРТ-системот. Исто така, планирам и удвојување на бројот на велосипедските патеки. На краток рок, ќе се обезбедат 60 автобуси од приватниот сектор и 40 други што ќе бидат рехабилитирани, за веднаш да се подобри достапноста.

Потоа, со поддршка на Владата, ќе се набават 80 нови автобуси, а понатаму секоја година планираме континуирана набавка од 10% нови возила. Во рок од четири години, јавниот превоз ќе стане вистински интегриран и дигитално координиран систем што ќе ги обедини сите јавни и приватни автобуси, велосипедски патеки, пешачки зони и лиценциран такси-превоз, со единствена платформа за планирање на патувања и информации во реално време. Граѓаните преку „Skopje City GO “, унифицирана паметна картичка што ќе ги обедини сите услуги што ги нуди градот, јавните претпријатија и јавните установи, ќе добијат сигурен, брз и еколошки превоз, а превозниците јасни правила и фер услови.

Дадовте збор дека доаѓа време кога сите ќе живееме подобро, но не треба само да живуркаме, туку и да дишеме чист воздух. Мисловна именка е миењето на улиците последниве години. Ќе има ли овој наш град чисти улици и чист воздух?

– Скопје мора да биде град во кој е безбедно да се живее, а првиот чекор е обезбедување воздух што не е загаден. Ова е прашање што не смее и нема да чека. Имам подготвен сеопфатен план, чија реализација започнува веднаш – со конкретни мерки, реални рокови и силна волја да го направиме Скопје град на здрава иднина. Планот е изграден врз основа на детална физибилити-студија, изработена со поддршка од меѓународни партнери. Тоа значи дека ќе дејствуваме врз основа на податоци, анализи и експертски препораки.

Во сржта на овој план е „Екофондот“, како нов финансиски инструмент кој ќе ги поддржи проектите за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и намалување на загадувањето. Буџетот што денес Градот го издвојува за овие цели ќе го зголемиме двојно, а ќе обезбедиме и дополнителни средства преку европски фондови и меѓународни донатори. Според студиите, најголеми загадувачи на воздухот се домаќинствата и индустријата. Затоа таму ќе бидеме најактивни: ќе ја прошириме топловодната мрежа, ќе субвенционираме топлински пумпи и други еколошки решенија за греење, за граѓаните да имаат реална алтернатива на дрвата и јагленот.

Во индустрискиот сектор ќе поставиме нови мерни станици за загадување и бучава, како што веќе направивме во Кисела Вода, и ќе воведеме строги, неселективни контроли и казни. Во јавниот превоз, ќе набавиме современи еколошки автобуси, ќе субвенционираме електрични такси-возила и ќе поставиме пречистувачи на воздух во парковите. Ќе инвестираме и во велосипедска и пешачка инфраструктура, за да го намалиме сообраќајниот притисок и да поттикнеме поеколошки начини на движење. Сето ова ќе биде координирано преку Советот за чисто Скопје, тело составено од експерти, граѓански организации и институции, кое ќе ја следи имплементацијата и ќе дава препораки. Со транспарентност, силна медиумска кампања и вклучување на јавни личности, ќе ја подигнеме еколошката свест на сите нас. Мојата визија е Скопје да стане град што не само што живее, туку и дише.

А што се однесува на миењето на улиците, за тоа не треба ни да се отвора дебата. Тоа е основна обврска на градот, дел од редовното одржување на хигиената и ќе биде спроведувано системски, без изговори. Чистите улици не се прашање на избор, туку на работа.

Пожарникарите се оштетени до максимум во смисла на тоа дека немаат опрема, немаат соодветни плати, немаат никакви услови за работа, а имаат многу стресна и опасна професија. Во фабриката Винчини пожарникари ги изгореа стапалата бидејќи се заглавија во растопен шеќер и добија тешки изгореници поради несоодветна опрема. Ќе ги заштити ли некој и ќе се потруди ли да работат во условите што ги заслужуваат, бидејќи им должиме многу поради тоа што цело лото се на терен и кога сите бегаме од горештините, тие горат за да ги спасат шумите?

– Работата на пожарникарите е опасна, стресна и често потценета, а случајот со повредените пожарникари во Винчини е болно потсетување дека мора итно да делуваме. Како иден градоначалник, нема да дозволам тие што го ризикуваат својот живот за нашата безбедност да бидат оставени без заштита. Токму затоа, во програмата што ја нудам, во делот на заштита и спасување, имаме низа од проекти што обезбедуваат целосна модернизација на Противпожарната единица на Скопје, со нова опрема, возила и специјализирана техника за гаснење пожари, вклучително и на тешко достапни терени. Ќе отвориме две нови противпожарни станици и ќе го зголемиме човечкиот капацитет преку нови вработувања, подмладување на кадарот и континуирани обуки и симулации за интервенции. Едновремено ќе работиме на подобрување на условите за работа преку инвестиции во инфраструктура за превенција- инсталација на камери и сензори, мапирање на ризични подрачја и подобрување на пристапните патишта.

Секако, ќе работиме и на јавна едукација и вклученост на граѓаните за да изградиме заедница што превенира, информира и соработува. Сметам дека овие мерки се основа за професионална, добро опремена и институционално стабилна служба. Пожарникарите заслужуваат услови што одговараат на нивната одговорност, а наша задача е да ги обезбедиме. Скопје мора да стане град каде што безбедноста не зависи од пожртвуваноста на поединци, туку од функционален систем со добра организација.

Сметате ли дека со противникот од Левица имате еднакво право на кампања, бидејќи Вие имате буџет за рекламирање, а опонентот на располагање има само креативност, но не и пари и простор за реклами по медиумите?

– Во демократска трка, секој кандидат има право на кампања, но има и одговорност да ја организира навремено, законски и транспарентно. Моето право на кампања не произлегува од буџетот, туку од подготвеноста, визијата и довербата што ја градам со граѓаните. И самиот опонент е пратеник, како и лидерот на неговата партија. Притоа, двајцата се правници, со долгогодишно искуство во институциите. Ако сметале дека нешто е неправедно, имале доволно време и знаење да реагираат. Не го направија тоа. Дали сега тоа се користи како алиби за резултатот што знаат дека следува?

Сметам дека и двајцата имавме шанса јавноста да нè запознае. Јас како градоначалник на Кисела Вода, со конкретни резултати и проекти. Тој како пратеник во македонскиот парламент и советник во Град Скопје. Граѓаните знаат што сме направиле, како комуницираме и како се однесуваме кога е време за одговорност. Кампањата е простор за идеи, но и за отчетност. И токму затоа, не е прашање кој има повеќе реклами, туку кој има повеќе кредибилитет.

Ќе светне ли Скопје за 72 часа, можно ли е?

– Да, и тоа ќе биде првиот чекор кон системска промена. Скопје се соочува со сериозен проблем со хигиената, што влијае на здравјето, екологијата и урбаниот изглед. Затоа, во првите 72 часа од мандатот ќе започнеме со акцијата „Генералка на Скопје“- масовно чистење на јавните површини со вклученост на институции, граѓани, компании и организации. Ова нема да биде само симболичен старт, туку основа за долгорочна трансформација.

Потоа следува реализацијата на програмата „Град без депонии“, со јасна цел: Скопје да стане град со нула отпад на улица. Ќе се чистат дивите депонии, ќе се воведе дигитален систем за пријави и мониторинг, ќе се инвестира во селекција, рециклирање и едукација. Особено внимание ќе посветиме на огромните депонии, како што е Вардариште, кои ќе бидат трансформирани во големи јавни паркови и зелени површини, но пред тоа темелно ќе се исчистат, ќе се изврши третман на теренот, кој ќе обезбеди природна, здрава почва, на која ќе се постават стандарди за еколошка безбедност.

Скопје може да светне за 72 часа, но и да остане чисто трајно, ако чистотата стане навика, а јавниот простор – заедничка грижа. Овој пристап гарантира не само моментална промена, туку и одржлив модел за иднината.

А ќе добиеме ли Луна парк?

– Кога зборуваме за иднината на Скопје, секогаш почнувам од трите основни приоритети: обнова на инфраструктурата, подобрување на хигиената и реформа на јавниот превоз. Без чисти улици, уреден сообраќај и функционален систем, нема современ град. Но истовремено, нема ни жив град без радост, култура и места каде што децата растат со насмевка.

Затоа, Луна паркот не е само забавен проект, туку е дел од визијата за град кој нуди квалитетен живот за сите генерации. По години одолжување и празни ветувања, ќе започнеме со итна изградба на нов, модерен Луна парк. Тоа ќе биде забавен центар со европски стандарди за безбедност, ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност.

Луна паркот ќе биде пристапен за сите, вклучително и за лицата со попреченост, со систем за безбедност, видеонадзор и прва помош. Ќе создадеме простор каде што семејствата ќе поминуваат квалитетно време, со зони за одмор, културни настани и улична уметност. Сакам да додадам дека паралелно со Луна паркот, ќе ја започнеме и целосната обнова на ЗОО градина Скопје. Ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Ќе ги реновираме живеалиштата за животните, според европски стандарди за хуман третман и благосостојба.

Ова се инвестиции во радоста, во туризмот, и во иднината на Скопје како град што нуди искуства, не само функционалност. Да, Луна паркот доаѓа и ќе биде место каде што спомените се создаваат, не само да се раскажуваат.

Ќе ја задржите ли транспарентноста за граѓаните како и досега, бидејќи додека бевте градоначалник на Кисела Вода, постојано бевте на терен и достапен за граѓаните?

– Секако. За мене тоа е прашање на вредности, јас сум таков човек. Сметам дека општината им припаѓа на граѓаните и моето работно место не е врзано за една канцеларија. Тоа е и улицата, и маалската продавница, и берберницата и секое место каде што граѓаните имаат што да кажат и очекуваат да бидат слушнати. Секогаш сум достапен, одговарам на сите прашања, нема забранети теми и тоа нема да се смени.

Во Кисела Вода инсистирав на транспарентност и активно вклучување на граѓаните во креирањето на приоритетите, програмата, буџетот и одлуките. Ги извадивме од фиоките старите ДУП-ови, ги дигитализиравме и ги објавивме на веб-страницата на општината. Го спроведовме првиот меѓународен конкурс за Расадник по земјотресот од 1963 година, со вклученост на целата експертска јавност. Формиравме Партиципативно тело за урбанизам со директно учество на жителите. Гласаше меѓународно жири и единствено јас, како градоначалник, бев исклучен од процесот на одлучување. Воведовме дигитализација и Кисела Вода стана првата дигитална општина во земјава со ГИС портал, електронски услуги и брз пристап до документи. Ова не беше само технолошки напредок, туку суштински чекор кон поголема транспарентност и намалување на можноста за корупција.

Токму ова искуство е основата врз која ќе го градиме и Скопје. Верувам дека градот мора да биде отворен, отчетен и достапен за секој граѓанин. Затоа, транспарентноста ќе биде стандард, не исклучок. Ќе овозможиме целосна дигитализација на административните услуги: дозволи, пријави, документи достапни онлајн, без чекање, без посредници и без простор за злоупотреби. Буџетската потрошувачка ќе биде јавно објавена, а службите ќе се евалуираат според јасно дефинирани перформанси. Ќе отвориме градски канцеларии во сите 10 општини, со обучен кадар, дигитална поврзаност и јасни процедури. Наместо граѓаните да патуваат до центарот за секоја услуга, ќе можат локално да ги решаваат своите обврски поврзани со даноци, такси, урбанизам, градење, јавни претпријатија и установи. Ова е модел на децентрализација кој не само што ја олеснува секојдневната комуникација меѓу граѓаните и градот, туку и ја зголемува отчетноста на институциите. Транспарентноста не е само објавување на информации. Таа значи отвореност, достапност, учество и одговорност. Таа значи дека граѓаните знаат што се случува, зошто се носи одредена одлука и како се трошат нивните пари. Таа значи дека институциите се сервис, а не авторитет. И токму таков град ќе биде Скопје – град со отворена управа, со јасни правила, со достапни информации и со градоначалник кој не се крие зад врати, туку работи и одговара пред граѓаните.

Добивте поддршка од Вреди за вториот круг. Се надевате на нивните гласачи и на победа?

– Апсолутно. Поддршката од Вреди ја ценам, ја очекувам и ја доживувам како потврда дека визијата за Скопје што ја носам е препознаена не само од партија, туку од граѓани кои сакаат развој, ред и функционалност. Се надевам и на поддршка од сите останати скопјани, сите оние што ја прочитале програмата, што сакаат да видат голема позитивна промена во Скопје, и ги повикувам сите да ја разгледаат. Таа е детална и реална. Во Кисела Вода покажав дека може поинаку. Со јасен план, тим што знае работа и постојана посветеност, од општина со наследени проблеми создадовме пример за функционалност, транспарентност и развој. Тоа не се зборови, тоа е искуство што го носам со себе. Верувам дека нашите граѓани знаат да проценат кој ја заслужува нивната доверба. И затоа, очекувам масовна поддршка и во вториот круг од сите кои сакаат вистинска промена. Во мене нека гледаат свој човек – човек што знае, што работи и што стои зад своите зборови.

Која е пораката до граѓаните зошто да гласаат за Вас?

– Гласајте за човек што знаете што има сработено и како работи. Гласајте за свој човек, човек што не се менува со функцијата, туку останува достапен, директен и посветен. Скопје не смее да губи време на импровизации. Му треба стабилност, знаење и работа.

Јас не ветувам, јас покажав. Во Кисела Вода се гледа што значи визија, тим и резултати. Тоа искуство го носам со себе, за да го применам на ниво на град.

Гласајте за Скопје што функционира. За град со ред, сигурност и перспектива. Гласајте за свој човек и верувајте, најдоброто допрва доаѓа.

Катерина Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ