четврток, 18 декември 2025

Орце Ѓорѓиевски е старо-новиот претседател на ЗЕЛС

Со едногласна одлука, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска на состанок на генералното собрание е реизбран за претседател на Заедницата на локални самоуправи (ЗЕЛС). За нови потпретседатели се избрани градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Објавено на

часот

Сподели

По изборот, Ѓорѓиевски рече дека е уверен дека пред ЗЕЛС стои успешен мандат кој ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на децентрализацијата. Тој оптимизмот го темели на неколку причини.

„Изминаа дваесет години од започнувањето на процесот на децентрализација, период во кој локалната власт созреа и се изгради јасна визија за неопходните реформи. Второ, во овој мандат располагаме со значаен човечки потенцијал и искуство, повеќе од половината градоначалници имаат најмалку еден мандат зад себе, а меѓу нив и колеги со долгогодишен континуитет. Трето, искуството од енергетската криза покажа дека кога сме обединети во рамките на ЗЕЛС можеме да изнајдеме решенија и да се справиме со најтешките предизвици. За разлика од минатото, денес имаме јасна поддршка и партнерски однос со Владата и премиерот Христијан Мицкоски, што резултира со ревидиран Меморандум за соработка и видлив инфраструктурен развој во општините. Четврто, ЗЕЛС претставува стабилна и инклузивна заедница во која сите општини настапуваат рамноправно, без разлика на политичка, етничка или верска припадност“, рече Ѓорѓиевски.

Преку документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 2026-2030 година, потенцира тој, јасно се дефинирани приоритетите со што ЗЕЛС подготвено настапува во дијалогот со централната власт.

„Во изминатиот период активно учествувавме во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што беше прифатено и нашето долгогодишно барање за воспоставување општинска комунална полиција. Во наредниот период фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините.  Ќе продолжиме со лобирање за поголем удел на општините во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги. Пред нас стојат уште многу важни прашања, но уверен сум дека со заеднички пристап и јасна визија ќе постигнеме конкретни резултати“, рече Ѓорѓиевски.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ