Истражувањето открива дека загуба оствариле повеќе од половина од локалните јавни претпријатија во земјава, односно 71 од 128-те претпријатија.
Вкупниот износ на загубите изнесува 17 милиони евра, а на првите три места според загубите се скопски, а на третото и четвртото место се битолски јавни претпријатија.
Според истражувањеро на ЦГК во последните години растат и загубите и бројот на претпријатија со загуби, а само првите 10 претпријатија со најголеми загуби, прикажале 77 отсто од вкупните загуби.
Вкупните долгови на локалните јавни претпријатија, мерени преку нивните краткорочни обврски, изнесуваат 193 милиони евра, додека долговите на 10-те најзадолжени претпријатија се 40 отсто од вкупните долгови на сите претпријатија.
На дури третина од локалните јавни претпријатија им е блокирана банкарската сметка.
„Во локалните јавни претпријатија работат повеќе од 12.000 луѓе, иако бројот на вработени во последните неколку години благо се намалува“, се наведува во истражувањето на ЦГК.
Според податоците, само скопските јавни претпријатија на крајот од 2024 година имале долг од околу 90 милиони евра. Повеќе од половината од овој износ е направен од „Водовод и канализација“, кое ја предводи листата на најзадолжени претпријатија во државата. Ова претпријатие минатата година ја завршило со долг од 53,3 милиони евра, што е двојно повеќе од неговиот годишен приход.
Последниот годишен извештај на претпријатието покажал дека 60 отсто од водата што влегува во системот не се фактурира – загуби кои директно го нагризуваат буџетот.
„Водовод“ работел и со загуба од речиси 4,2 милиони евра, пласирајќи се на врвот на загубарите во земјава.
И скопската „Комунална хигиена“ е меѓу најголемите должници. Претпријатието има над осум милиони евра долг, а во истражувањето се наведува дека со години не биле направени никакви инвестиции во комунални возила и во опрема. Истовремено, исплатите кон набавувачите доцнеле, па обврските се таложеле.
Слична е ситуација има и во „ЈСП Скопје“, кое 2024 година ја завршило со долг од 16,8 милиони евра.
Цената на билетите за јавен превоз не е променета веќе осум години, а резултатот се нефункционални автобуси, доцнења со часови и со колапс на сервисот.
Во оваа група покрај скопските јавни претпријатија се и претпријатијата за водовод и канализација од Кавадарци, Струга и од Охрид, како и комуналните претпријатија од Тетово и од Струмица.
Резултатите од истражувањето на ЦГК покажуваат дека истовремено, бројот на вработени во локалните јавни претпријатија се намалува. Во 2024 година работеле 12.009 луѓе, што е 171 помалку отколку во 2023 година и дури 462 помалку отколку во 2022 година. Иако намалувањето не е драматично, трендот е постојан и укажува на постепено намалување на работната сила во секторот.
Анализата покажува и дека најпрофитабилната локална дејност е паркирањето. Претпријатието „Градски паркинг Скопје“ лани остварило половина милион евра добивка, а „Паркинзи на Општина Центар“ заработило над 300 илјади евра. Во добивка се и претпријатијата за паркинг во Кавадарци, додека, пак, во Тетово, Велес, Куманово, Струмица и во Неготино претпријатијата за паркинзи завршиле со загуба.






