вторник, 24 февруари 2026

Општините Струга и Пробиштип во акција за чистење на депониите

Концесионерите на плажите на струшкото крајбрежје да го одржуваат јавниот простор, во спротивно секоја интервенција на екипите на јавното претпријатие „Комунално“ ќе биде фактурирана на одговорните, односно правните лица.

Објавено на

часот

Сподели

Тоа го посочи денеска директорот на претпријатието Ресул Чолаку, по интервенцијата на потегот од хотел „Евро“ кон реката Сатеска.

„Деновиве имаме акција за чистење на струшкото крајбрежје. Собрани се големи количини отпад, а акцијата продолжува и утре“, изјави Чолаку.

На концесионерите на плажите им укажал дека откако екипите на „Комунално“ ќе го отстранат отпадот, доколку не проодлжат да ги одржуваат ќе им бидат испратени фактури.

„Ги повикуваме сите управители на простор долж брегот на езерото да се грижат максимално за чистотата и одржувањето. Во спротивно, секоја интервенција извршена од екипите на ЈП „Комунално“ – Струга за чистење на тој простор ќе биде директно фактурирана на одговорните лица, во согласност со важечките прописи“, нагласи Чолаку.

А во Општина Пробиштип се чистат дивите депонии. Акцијата е почната од пред четири дена, а денеска се чистеа депониите во село Петршино, вели градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски. Посочува дека следна локација за чистење е во село Турско Рудари, а потоа и во сите останати места.

Општина Пробиштип има индентификувано вкупно 14 точки со неправилно одложен отпад, а акцијата има цел враќање на чистотата и уредноста на просторот.

„Чистата животна средина е заедничка одговорност и обврска на сите нас. Само со совесно однесување и почитување на правилата можеме да обезбедиме здрава и уредена околина за сегашните и идните генерации“, вели Тоневски.

Тој апелира до сите граѓани да не создаваат нови диви депонии и отпадот да го одложуваат исклучиво на предвидените места.

„Заедно можеме да придонесеме за почист, поздрав и поубав Пробиштип“, подвлече Тоневски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ