четврток, 5 март 2026

Општина Струга засега нема потреба од финансиска помош за проблемот со матноста на водата

Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање стојат на располагање за надминување на проблемот со квалитетот на водата во Струга, истакна при денешната посета ресорниот министер Мухамед Хоџа.

Објавено на

часот

Сподели

По извршениот увид на реализацијата на проектот за замена на азбестните цевки во Струга, нагласи дека од првиот ден на настанување на проблемот Министерството е во постојана комуникација со Општина Струга и се работи на изнаоѓање трајно решение.

„Од првиот ден сме во комуникација со општинските власти, во врска со проблемот со водата за пиње. Инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина беа на терен и констатираа дека изворот, во случајот јавното претпријатие ‘Водовод и канализација’ нема соодветна дозвола за користење на водата. Дадени се насоки, барањето од страна на Општината е поднесено и ќе се следат сите законски патишта за да стигнеме до целта“, изјави Хоџа, нагласувајќи дека досега не било разговарано за прогласување кризна состојба.

Градоначалникот Менди Ќура истакна дека засега не ѝ е потребна финансиска помош на Општината за решавање на проблемот со матноста на водата, туку работат на анализи од каде доаѓа заматувањето.

„Засега не ни требаат пари за оваа работа. Ако продолжи матноста, ќе мора да преземеме мерки. Ќе бараме помош од Владата, дали ќе се филтрира водата, или да се врати во првобитна состојба“, рече Ќура.

Тој потсети дека последователно четврти ден анализите на Центарот за јавно здравје од мострите од градскиот водовод покажуваат матност во граници на нормалата, но сепак препораката за забрана за пиење останува поради стабилизирање на изворот Шум.

Повтори дека Општината ги презема сите мерки, одлуките од Советот се испратени до Владата, како и за решавање на правните обврски, како што е за донесување одлука за заштитена зона околу извориштето и дозвола за користење на водата од изворите, која досега ја немало.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ