”И ние како советничка група и неколку останати советници гласавме за продажба на тоа возило од проста причина што многу добро знаеме во какви околности беше купено тоа возило и во какво време кога не беа запазени приоритетите на граѓаните.Струга имаше многу посериозни проблеми кои требаа да се решат, а не да се купува едно такво луксузно возило”, изјави за Алфа, Коста Хиохи, советник од ВМРО ДПМНЕ.
Возилото купено за 67.000 евра сега ќе се продава за шест пати пониска цена. Неговата моментална проценета вредност изнесува 10.000 евра.
”Согласно важечките прописи, за возилото е пресметувана годишна амортизација од 15 отсто, при што неговата моментална проценета вредност изнесува 618.602 денари или 10.000 евра. Почетната цена на продажбата ќе биде еднаква на проценетата вредност, утврдена од овластен проценител.Крајната продажна цена ќе се утврди преку самата постапка на јавно електронско наддавање”, велат од Општина Струга.
Аудито кое како службено возило се користело шест години, било поправано два пати, во март 2024-та и во јануари 2025-та за што биле потрошени 4.000 евра.
„Во однос на трошоците за гориво, евиденција се води за целиот возен парк на општината, а не поединечно по возило. Заради обемот на податоците за споредба е земен ист месец во две последователни години.Во декември 2024 година за горило отишле 1000 евра,а во декември 2025-та, 446 евра“, информираат од општинската администрација.
Покрај аудиото Мерко во неговиот мандат купи и три шкоди, а дали и тие ќе се продаваат, ќе се одлучувало врз основа на нивната техничка состојба, економска оправданост и реалните потреби на општинската администрација.
Поранешниот градоначалник на Општина Струга, Рамиз Мерко беше обвинет и гонет за злоупотреба на службената положба, затоа што набавил четири службени возила меѓу кои и аудито, во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка. Сепак, на почетокот на јуни 2025 година Мерко беше ослободен од вина. Судот утврди дека во процесот на јавната набавка нема докази дека сторил кривично дело и дека имал намера да ја злоупотреби својата службена положба.






