На повикот аплицирале тринаесет здруженија, од кои осум ги исполниле условите, а пет биле одбиени поради некомплетна документација.
„Општината се стреми кон намалување на социјалните ризици, превенција и обезбедување подобри услови за живот на сите граѓани, а финансиската поддршка е дел од пошироката заложба за социјална сигурност и развој. Секој дел од програмата е транспарентен и резултат на јавен повик, претходно проследен со дебати и состаноци со активните организации што работат на оваа тематика“, изјави, раководителот на Секторот за социјална заштита, Александар Крстески.
Институтот „Пулсот на демократија“ Куманово доби 80.000 денари за реализација на проектот „Дигитална заштита за секое дете“, кој предвидува изработка на два едукативни и информативни видео спота. Хуманитарното здружение „Мајка“ Куманово со 250.000 денари ќе ја изработи стратегијата за родова еднаквост во рамките на проектот „Отворена општина за сите“. Женското здружение „Љинда“ ќе спроведе кампања на тема родова еднаквост преку проектот „Родова еднаквост почнува во училиште“, за што се издвоени 45.000 денари. Половина милион денари доби Центарот за ромска заедница „Дром“ Куманово за подготовка на стратегија за родова еднаквост, инклузија на маргинализирани групи, како и стратегија за млади. Здружението за лица со попреченост „Прогрес“ доби 35.000 денари за проектот „Поддршка на семејствата на лица со попреченост“. По 80.000 денари, добија „Институтот за наука, уметност, култура и спорт“ кој ќе спроведе проект под наслов „Идните лидери и иноватори“, со средства за обука и професионален развој на наставници за работа со талентирани деца, како и здружението „Доверба“ Куманово за проектот „Заедно со младите – поддршка и превенција од социјални ризици“, кој опфаќа изработка на видео и дигитална содржина.
И Здружението на виши и средни медицински сестри, техничари и акушерки Куманово, доби ист износ и преку проектот „Мали чекори кон здрав живот“ ќе реализира теренски активности со најмалите од предшколска возраст, во соработка со детската градинка „Ангел Шајче“.
Крстевски нагласи дека општината и во иднина ќе продолжи со поддршка на иницијативи кои ја подобруваат социјалната заштита, го поттикнуваат граѓанското учество и создаваат подобри услови за живот на сите граѓани на Куманово.






